Досега се пријавени неколку случаи, во Гевгелија, Штип, Скопје и Кичево од приватниот сектор за работодавци за непочитување на препораката на Владата за ослободување од работни обврски на еден родител на деца до 10 годишна возраст. Од Државниот инспекторат за труд велат дека постапките се во тек за утврдување на состојбата, односно дека инспекторите се на терен.
Државниот советник во инспекторатот за труд Злате Стојановски за Радио МОФ вели дека вработените не треба да бараат од работодавачот ослободување за неодење на работа.
„Единствено вработениот треба писмено да го извести работодавачот дека од денеска, од вчера, ќе отсуствува од работа поради мерките за заштита од вирусот. Поради тоа што има дете во градинка или дете на школска возраст до 10 години, или па по основ на хронична болест, и дека во рок од наредниот ден, ќе донесе потврда од училиште, градинка, матичен лекар… за состојбата на отсуството. Тоа е, а не треба да бара – ‘барам да ме ослободите’. Значи треба само писмено да извести, да има доказ дека писмено известил дека ќе отсуствува, тоа е препораката и тоа е постапката“, изјави Стојановски.
Инспекторатот за труд, објаснува Стојановски, може да преземе мерка кон работодавачот, ако после таквото известување од работникот, преземе некоја мерка против работникот.
„Тогаш работникот треба да се обрати до нас за заштита“, потенцираше Стојановски.
Стојановски уште еднаш потенцираше дека работниците треба писмено да го известат работодавачот дека ќе отсустуваат од работа.
Министерството за труд и социјална политика преку соопштение вчера ги повика работниците и работодавачите строго да се придржуваат до мерките на Владата.
Оттаму информираат дека секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10 годишна возраст треба да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.
Во меѓувреме, денеска се објавени и нови превентивни мерки на Министерството за здравство. Дел од нив се однесуваат на забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на обем и бројка на учесници, откажување на сите кинопроекции, претстави и концерти, затворање на спортски сали и теретани, а кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот со преполовен капацитет.
Мартин Колоски