„Неколку нијанси женски приказни“ во Музејот на македонската борба

Музејот на македонската борба за самостојност го започна проектот „Неколку нијанси женски приказни“ во чиј фокус се жените и нивните успеси во Македонија од почетокот на 20 век, па до денес.

„Мулијерес фортес е првата етапа на дизајнерско-движечки слики од континуираниот опус за претставување на жените, а говори за осум истакнати жени од областа на науката, уметноста, спортот, бизнис секторот, човековите права, медиумите…Жени кои пионерски делувале и продреле во општеството дури и во оние моменти кога нивниот живот зависел од нивните одлуки, а нивните одлуки значеле Живот! и го запечатиле нивниот“, соопштуваат од Музејот.

„Овој проект визуелизира жени кои биле дел од создавањето на нашата историја, создале приказни. Жени на кои приказните им се случиле, работеле на нив, ги полевале со сопствената крв и солзи и смеа, додека да процветаат и да дојдат до нас, за да ги слушнеме, толкуваме и продолжиме да ги раскажуваме понатаму. Сите нив ги поврзуваат заеднички нешта, карактеристики, истенчени сетила, заигран и ведар дух, посветеност…сериозност. Склоност кон поврзување со некоја поголема идеја, љубопитност, издржливост и сила. Тие се длабоко интуитивни, имаат чувство за заедницата, прилагодливи се на промени и различни околности, но и жестоки, непоколебливи одлуки“, додаваат од Музејот.

Опусот на женски музејски приказни го отвора Роса Плавева, една од првите борци за женските права во Македонија.

Во периодот на епидемија на Ковид-19 проектот е поставен на страницата на Музејот, како и на социјалните мрежи.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и во неколку фази ќе биде реализиран во текот на годината.