Неколку медали летово за учениците Кристина Тасева и Тео Китановски на европските натпревари по информатика

Младите Кристина Тасева и Тео Китановски, ги летово освоија медали на неколку натпревари по информатика во различни земји низ Европа. Македонските претставници освоија еден сребрен и два бронзени медали на Балканската олимпијада по информатика и два бронзени медали на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, кои се одржаа во јули во Темишвар, Романија.

Кон крајот на јули во Инополис, Русија, се одржа и втората по ред Европска Јуниорска Олимпијада по Информатика. За потребите на натпреварите дел од учесниците беа подготвени во Семос Едукација од страна на искусни и врвни предавачи, преку детскиот Едукативен Центар кој со години успешно подготвува сериозен тим на ученици за информатичките натпревари.

Кристина започнала да се натпреварува во шесто одделение, односно има поминато 4 циклуси на натпревари во Македонија (училишни, регионални и државни натпревари). Покрај тоа, два пати има учествувано на МГ Купот организиран од страна на Математичката гимназија во Белград, три години по ред на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика ЈБОИ, а во последните две години и на Европската Јуниорска олимпијада по информатика. Досега има освоено неколку први и втори места на регионалните натпревари, втори и трети награди на државните натпревари како и еден бронзен медал на Балканијада.

Тео Китановски има учествувано на многу натпревари по информатика. Со програмирање се бави уште од осум годишна возраст, но започнал со натпреварување минатата година, во седмо одделение. Тогаш освоил прва награда на регионалниот и втора награда на државниот натпревар, а бил и во екипата за МГ Купот во Белград. Годинава има прва награда на регионалниот и државниот натпревар, и учествувал на МГ Купот (каде добил сребрен медал), на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика (каде добил бронзен медал) и на Европската Олимпијада по Информатика. Исто така се натпреварува во математика, англиски и физика.

На прашањето што следи понатаму, кои се нивните нови предизвици и натпревари во најава, Кристина вели:

„Овогодинешните натпревари завршија, така што чекаме да почне одново циклусот во февруари. Во меѓувреме секако следат подготовки, но исто така во план ми е да пробам и други видови на програмирање, освен натпреварувачкото.“

Тео додава: „Ќе учествувам на овие натпревари и наредната година, цел ми е на интернационалните натпревари да имам барем еден медал повисок од оние што ги добив годинава, но и да освојам медал на Македонската Олимпијада по Информатика на која што за жал овие две години не учествував. Информатиката, односно програмирањето е и мојата желба за професија во иднина, па затоа постојано работам на разни мои проекти од повеќе области. Моментално како највозбудлива и најинтересна област ја гледам вештачката интелигенција“.