„Некој ме гледа романтично“, концерт на Македонската филхармонија

Македонската филхармонија на 12 февруари во Домот на Армијата ќе одржи концерт насловен  „Некој ме гледа романтично“. Концертот ќе се одржи под диригенство на маестро Кејс Скалионе од САД, асистент диригент во престижната Њујоршка филхармонија и познатиот сопран Голда Шулц од Јужна Африка, кои ќе ги изведуваат Чајковски, Равел, Гершвин, Портер.

Концертот ќе ги донесе љубовните приказни за „Ромео и Јулија“, „Порги и Бес“ и „Шехерезада“, дело кое ќе ја има македонската премиера, како и најпознатите џез-стандарди кои досега доживеаја милионски изведби и преработки „Summertime“ и „Someone to Watch Over Me“ од Гершвин и „Everytime We Say Goodbye“ од Портер.

Американскиот диригент Кејс Скалионе од 2011 година е асистент-диригент во Њујоршката филхармонија и истата година ја добил наградата за диригирање од фондацијата „Шолти“. Три години бил музички директор на Фондацијата за млади музичари и дебитантски оркестри на Лос Анџелес, следејќи ги стапките на реномираните диригенти како Мајкл Тилсон-Томас или Лоренс Фостер, кога го предводел еден од најамбициозните проекти во историјата на оркестарот – сценска продукција на вториот чин од Вагнеровата „Тристан и Изолда“.

Американската сопранистка по потекло од Јужна Африка, Голда Шулц студирала на Универзитетот во Кејптаун, а потоа дипломирала на престижниот „Џулијард“ во Њујорк и е поранешен член на Државната опера во Минхен каде што дебитирала како Контеса Алмавива во „Свадбата на Фигаро“ во 2012 година. Во 2014 година се враќа на сцената во Минхен толкувајќи ја Софи во „Кавалер со роза“.