Неизвесна е втората сезона на „Зоки Поки“ – серијата не доби поддршка од институциите

Втората сезона на детската ТВ-серија „Зоки Поки“ е во неизвесност. Нејзиниот продуцент Роберт Насков се пожали дека не наишле на поддршка од македонските институции за нејзино продолжение. Иако, како што посочува тој, серијата се стекнува со интернационален успех со тоа што ќе се прикажува во скандинавските држави.

„Ова е доказ дека во Македонија може да се продуцираат квалитетни дела кои ќе ги задоволат највисоките стандарди и критериуми за продукција на детска програма и дека македонските брендови се вреднувани и надвор од Македонија. За жал овој голем интернационален успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа серијата ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца кои се соживеаја со серијата и кои сакаат и понатаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели Насков.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Заслугата за меѓународното емитување е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони (Emanuele Galloni), извршен директор на „Videoplugger“.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.