„Негата за македонскиот јазик треба да започне во градинка“ – одбележан денот на мајчиниот јазик

„Пред две децении, започнавме со одбележување на денот на мајчиниот јазик со пораката од Унеско – „Јазиците се важни“.  Оваа година пораката е „Јазици без граници“. Вака директорката на Институтот по македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, го отвори настанот по повод денот на мајчиниот јазик.

„Во нашата зграда живеат Македонци, Власи, Срби, Албанци, Турци и Роми во еднонационални или мешани семејства. Да им испратиме аманет на нашите ученици да градат заедничко општество, заедничка држава за сите, со зацврстување на дијалогот по повод толеранција и разбирање“,  истакна во својот говор Грујовска.

Професорката Снежана Веновска-Антевска, која е научен советник на Институтот, се осврна на судбината на малите јазици.

„Некои јазици имаат мал број на зборувачи, а постојат и зборувачи кои се откажуваат од својот јазик за сметка на други светски јазици. Кај нас, ова беше поттикот да се внесе чествувањето на мајчиниот јазик како јазик кој во Македонија е врската меѓу сите. Тој е основата што не поврзува сите што живееме тука“ – додаде таа.

Но како да се зачува македонскиот јазик кој има мал број на говорители, кога се чини дека институциите се неми за модернизација на јазикот, иако таа е неопходна за објаснување на современите општествени феномени и новите генерации кои користат англиски?

Радио МОФ од професорката Веновска-Антевска на денешниот настан конечно го доби одговорот кој го побара од Институтот пред неколку месеци.

„Ние сме тука да препорачаме, а најголемата лекција почнува од дома, од родителите, од градинката, со создавање љубов кон сопствениот, кон македонскиот јазик. Така што, ако сите заедно настапуваме, тогаш сите ќе си најдат простор како може да го негуваат мајчиниот јазик. Ова е бесконечна приказна која што генерациски се пренесува, а ние ја имаме најодговорната улога сега, да го заштитиме јазикот и на новите генерации да им ја поставиме основата на македонскиот јазик“, одговори таа, додавајќи дека во мај ќе се одржат денови посветени на Благоја Корубин, каде Институтот ги разработува актуелните прашања, оние што се однесуваат на јазикот и интернетот и јазикот од најмалата возраст.

Според директорката Јованова-Грујовска, проблематично е што скопскиот говор е поставен како говор со престиж, а токму таквиот говор е причината за нашите грешки.

„Но сепак, скопскиот говор е еден од говорите, макар гратски, урбан. Затоа, конкретно за новинарите, Институтот планира да направи обуки, како и за сите други луѓе кои се занимаваат со јазикот за да ја поткренеме јазичната култура, прво на новинарите, потоа и на граѓаните“, истакна таа.

„Ако ние не ја подигнеме свеста за сопствениот јазик, особено вие во медиумите, што сте на некој начин оние кои го шират македонскиот пишан збор, тогаш сме го достигнале одговорот на прашањето – треба да се почитува јазичната норма, а Институтот за македонски јазик научно пристапува кон сите прашања околу градењето на тој стандард, бидејќи македонскиот јазик со својата структура достигна високо ниво кое што самите треба да го заштитуваме и секако со нашата дејност да овозможиме кај македонските родени зборувачи и сите оние кои го користат нашиот јазик, да бидат свесни за убавината на нормата и убавината на македонскиот збор“, се надоврза професорката Веновска-Антевска.

На свеченоста настапија 23 учесници од основни и средни училишта од Скопје, кои своите точки ги изведоа на 16 различни јазици.  Настанот се отвори со изведба на  „Кирилица“ од Влатко Стефановски, се читаа стихови од Блаже Конески, а крајот се заокружи со песна од Тоше Проески.

Ивана Смилевска