Неформално образование – „ас во ракавот“ кога дипломата не е доволна да се најде работа

Револтиран од моменталната состојба на пазарот на труд, машинскиот инженер  Н.Ј. решил да се откаже од професијата и преку интернет курсеви да се стекне со знаењето потребно за да работи како програмер. Самоиницијативноста и преземањето ризик, вели дека му ги зголемиле шансите да најде работа.

„Апатијата кај младите се должи на состојбата во државата. Работодавците кај нас, секоја чест на исклучоците, во моментов не ги ценат доволно напорите на поединците кои се трудат да внесат промени во праксата. Со тоа ја убиваат желбата кај мнозинството за самонадградување. Сепак, самонадградувањето на професионално ниво, како и секоја инвестиција, на крај би требало да се исплати“, вели 30-годишниот Н.Ј.

Незадоволен од условите на работното место, тој решил да се откаже од кариерата како машински инженер и да се проба во програмерството. Долгогодишниот интерес во компјутерската технологија го натерал да го надгради знаењето на неформален начин.

Неформално образование - „ас во ракавот“ кога дипломата не е доволна да се најде работа

Мабера Камбери

Според социолозите, неговиот случај и не е реткост:

„За жал, вработувањето преку партиска книшка е пресудно во денешно време и делува многу демотивирачки на младите лица. Секојдневно сме сведоци на прием на лица со несоодветно образование во државните институции. Поради ваквата ситуација имаме одлив на млади образовани кадри надвор од Македонија. Пораката што се праќа до нив е многу јасна: или зачлени се во партија или твојата егзистенција барај ја надвор од Македонија“, вели социологот Мабера Камбери.

На крајот на 2014 година, дури 29 251 лица со завршено високо образование биле невработени. Од оние со завршено средно пак, без работно место биле 122 024 лица, додека бројот на невработени лица со основно образование изнесувал 59 984.

Според последните податоци на Заводот за статистика, за второто тримесечје на 2015 година, во  Македонија имало вкупно 256 596 невработени. За споредба, активното население (луѓето кои се способни за работа) брои 956 174 лица.

„Како општество сé уште многу малку го прифаќаме неформалното образование како форма на образование и начин на вработување. Сé уште се смета дека преку формалното образование се добива подобар квалитет во образованието, односно дека тоа е образование е поквалитетно и попризнато отколку неформалното“, додава Камбери.

Но, секогаш има исклучоци.

Неформално образование - „ас во ракавот“ кога дипломата не е доволна да се најде работа

„Кога е во прашање програмирањето, интернетот изобилува со материјали за учење и обука. Таму може да се најде голем број на бесплатни онлајн курсеви од познатите светски универзитети како Харвард и МИТ. Јутјуб претставува вистинска ризница. Може да се најдат и разни блогови кои изобилуваат со материјали“, вели Н.Ј.

За својот случај, тој вели дека не е надградба, туку нов почеток. Веќе два месеци работи хонорарно на проекти и е задоволен од условите кои му биле понудени. Смета дека познавањето и надградбата во нови технологии го направиле поатрактивен на интернационалниот пазар.

„На пазарот на трудот, дипломата за завршено образование не секогаш е единствен критериум со кој може да се дојде до посакуваното работно место. Работодавачите многу често имаат тесно дефинирани листи на вештини кои кандидатите треба да ги поседуваат при барањето на работна позиција.  Па оттука и младите  лица уште при првиот контакт со пазарот на трудот се соочуваат со одредени потешкотии“, вели Билјана Живковска од Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Работодавачите, покрај знаењата стекнати во процесот на формално образование, бараат и дополнителни знаења и вештини, стекнати надвор од процесот на формално образование,  како и поседување на сертификат за стекнатите знаења, советуваат од Агенцијата за вработување. Најчесто станува збор за познавањето на странски јазици и основните компјутерски апликации, како и стекнати  напредни знаења и вештини од областа на информациската технологија. Се нагласува и потребата од поседување на  таканаречени „меки вештини“.

Според социологот Камбери, многу е важно на невработеното лице да му се направи ,,профил“, односно покрај формалното образование кое го поседува, да се утврдат и неговите афинитети кон одредени други занимања и со анализа на пазарот на труд да се утврди можноста невработеното лице да се вклучи во програмите на неформално образование, за да се стекне со можноста да биде компетентен на пазарот на трудот.

„Во постојнава ситуација за свое вработување младите можат да се изборат само во приватниот сектор, со вработување или отворање на приватен бизнис. Но, за жал, во голем број на случаи – вон рамките на своето образование“, додава Камбери.

Новите техничко-технолошки промени и динамичниот развој на пазарот на труд создаваат работни места за кои се потребни нови знаења и вештини, а тоа може да се постигне само со процесот на поврзување на формалното и неформалното образование. За да ги задоволат потребите на пазарот на трудот, кандидатите за вработување треба да се вклучат во обуки за стекнување дополнителни знаења и вештини, заклучуваат од Агенцијата за вработување.

Програмерот Н.Ј вели дека сè повеќе луѓе од неговото опкружување ги сфаќаат придобивките од неформалното образование. По неговите стапки тргнале неколкумина негови колеги и познаници, кои се интересираат за курсевите и обуките кои тој ги посетувал.

Стефанија Тенекеџиева