#НеЕВест

Со растот на лажните вести и пропагандата, се јавува потребата од медиумска писменост кај младите кои секојдневно се изложени на низа манипулативни содржини. Оттука, Националниот младински совет на Македонија и Радио МОФ го работат проектот „Младинска медиумска писменост“ со цел да се подигне свеста кај младите учесници за критичко размислување, за аналитичен пристап на информациите кои ги добиваат од медиумите и способност за евалуација на содржината.

Активностите се во рамки на Коалиција за медиумска писменост што ја спроведува Високата школа за новинарство и односи со јавноста во парнерство со „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Коалицијата ја сочинуваат осум граѓански организации и осум медиуми, а е поддржана од ЕУ.

Проектот „Младинска медиумска писменост“ ќе одржи три викенд обуки за 60 млади од Скопје, Велес и Тетово и една обука за граѓански организации кои ќе резултираат со продукција на едукативни содржини за слобода на изразување кај младите од маргинализираните заедници, без разлика на пол, етникум, социјален статус и сексуален и родов идентитет.

Сработените содржини ги објавуваме во продолжение.

20 декември

Аудио подкаст со Ирена Христов, тренер на обуката за комуникации со јавност за граѓански организации

[Аудио] Како граѓанските организации да комуницираат со јавноста

19 декември

Аудио подкаст со Јелена Јаневска, тренер за кризна комуникација на обуката за комуникации со јавност за граѓански организации

[Аудио] Кризна комуникација – што претставува и како да се надмине

18 декември

17 декември

Како да се пријави лажна вест? – најдобро ќе ви објасни нашиот влогер Ангел

15 декември

Нашиот влогер Филип има нешто да ви каже за лажните вести – кратко и јасно

12-13 декември

Обуки за комуникации со јавност за граѓански организации

Радио МОФ и НМСМ одржаа дводневна обука за комуникации со јавност за граѓански организации. Новинарите Јасмина Јакимова и Даниел Евросимоски низ предавања и дискусии им презентираа на учесниците позитивни пракси и техники за квалитетна размена на информации, но и начини за градење плодна соработка меѓу медиумите и организациите.

На вториот ден обучувачи беа Ирена Христов и Јелена Јаневска, експерти за комуникации и односи со јавност. Во фокусот на овие предавања беа стратегии за комуникации, развивање на пораки за различни целни групи и кризни комуникации.

Обуките се дел од проектот „Младинска медиумска писменост“ на Радио МОФ и НМСМ,  кој е во рамки на Коалицијата за медиумска писменост.

6 декември

[Став] За правните аспекти на говорот на омраза

Говорот на омраза, како појава, секојдневно ја среќаваме во нашето секојдневие. Но, дали реално можеме да ја препознаеме, и што реално преземаме за нејзино сузбивање, дали воопшто таквиот говор е правно санкциониран и ако да, како се санкционира??? На некои од овие прашања ќе се обидеме да Ви одговориме во следната статија…

Говорот на омраза, како феномен од секојдневието, се уште нема засебна правна регулација, каде што би се внела една општоправно прифатена дефиниција, начини на негово манифестирање коишто би се сметале за правно недозволени, начини на санкционирање на говорот на омраза, како и мерки коишто би служеле како можна превенција од така определениот говор.

За прв пат, говорот на омраза е инкриминиран (определен како кривично дело), во рамки на Кривичниот законик на РМ (во понатамошниот текст КЗ), во текстот од 1996 година. А кривично- правната регулација на говорот на омраза и неговите појавни облици, можеме да ја согледаме преку некои од следниве членови од Кривичниот законик на Република Македонија.

Во глава осумнаесетта од КЗ, во Член 179, се вели: Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со парична казна.

Понатаму низ кривичниот законик, во член 319: ,,Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави … или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години’’.

Овде, имајќи го во предвид начинот на извршување на делото (присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, со палење, уништување…) којшто како таков секако претставува посложен и специфичен начин на реализација на говорот на омраза, сразмерно и потешко се казнува. Поточно, овде од старт зборуваме за казна затвор, како казна којашто би можела да се спореди со казните предвидени за дела од посериозен карактер, што зборува за напредокот на нашиот правен систем кон посериозно санкционирање на говорот на омраза, а во насока на негово сузбивање (ако веќе не можеме да зборуваме за негово целосно искоренување од нашето секојдневие). Како и други кривични дела, така и говорот на омраза, доколку како таков се врши од страна на лице коешто е вршител на определена државна служба, и при тоа, во рамки на службата преземе определено дејствие коешто во Став 1 е определено како говор на омраза, сразмерно и потешко се казнува т.е овде повторно зборуваме за казна затвор, но со поширок интервал, од една до десет години.

Сведоци сме на се повеќе засилената појава на говорот на омраза на интернет, преку социјалните мрежи, притоа некои сметајќи ги како можност да се затскријат во интернет просторот. На прагот на сајбер- хејт- от, КЗ содржи одредби со коишто е инкриминирано и таквото штетно постапување од страна на поединци или групи. Така, во Член 394- г, Став 1 од КЗ, се вели: ,,Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години’’. Во понатамошните Став 2 и Став 3, од истиот член, се опфатени ваквите појави во рамки на друг медиум за јавно информирање и Слуачите кога ваквото дело би било сторено во вршење на јавна служба, злоупотребувајќи ги положбата и овластувањата коишто произлегуваат од истата.

Кога зборуваме за начинот на заштита и можноста ваквите дела да бидат санкционирани, истите можат да бидат пријавени до соодветните државните органи. На располагање ни стои Министерството за внатрешни работи (МВР) и надлежното Основно јавно обвинителство (ОЈО). Така, кривичното дело Говор на омраза може да биде пријавено со пријавување до соодветната полициска станица на МВР, или со поднесување на Кривична пријава до надлежното ОЈО. Говорот на омраза на социјалните мрежи може да биде пријавен до одделението за електронски криминал на МВР.

Кога зборуваме за говор на омраза, не можеме а да не ја спомнеме и Дискриминација, како феномен нераскинливо сврзан со говорот на омраза. Дискриминацијата, за разлика од говорот на омраза, е подведена во посебна законска регулатива т.е Закон за спречување и заштита од дискриминација. Така, овој закон под поимот дискриминација го сврстува ,,секое активно или пасивно однесување кон определено лице од страна на јавните власти, како и од страна на лица од јавниот или приватниот сектор, во јавниот живот, што води кон привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин или го изложува со тоа на неправеден или деградирачки однос во однос на другите лица коишто се наоѓаат во иста или слична ситуација, а тоа базирано на било која од дискриминаторските основи’’.

Така, под дискриминаторски основи се подразбираат карактеристики (т.н заштитни карактеристики) коишто ги носи определено лице (било тоа тие да се стекнати или лицето ги има од моментот на раѓање), а како такви се причина за нееднаквиот, неправеден или (де)привилегирачки третман на тоа лице во однос на другите. Како дискриминаторски основи би можеле да бидат: пол, раса, верска или политичка определба, националност, припадност кон определена малцинска заедница, сексуална определба, степен на образование, возраст, припадност кон маргинализирана група, финансиско- материјална положба или социјален статус и сл.

Но, законот ја санкционира и т.н индиректна дискриминација, како облик на дискриминација т.е случаите на пример кога постои т.н инструкција за дискриминација. Таков би бил случајот кога работодавач, при оглас за вработување, би наредил на лицата коишто го спроведуваат интервјуто да не дозволат вработување на лица коишто се носители на определени заштитни карактеристики (на пример ќе наложи вработување само на жени, или само на лица со општа здравствена состојба и сл).

Исто така, покрај Директната и Индирекната дискриминација и Инструкцијата за Дискриминација, како појавни облици се среќаваат и Вознемирувањето и неговата квалификувана форма- Сексуално вознемирување, каде што основната цел е задирање во достоинството и интегритетот на личноста којашто, како резултат на поседувањето на соодветна заштитна карактеристика, е предмет на дискриминирање и нееднаков, неправеден третман.

Така, во кој било од горенаведените случаи, може да се поднесе претставка за заштита од дискриминација/ вознемирување до Комисијата за заштита од дискриминација. Ваквата претставка се поднесува во рок од 3 месеци од денот кога бил сторен актот на дискриминирање (субјективен рок) или најдоцна една година од моментот на дознавање за сторениот акт на дискриминација (објективен рок).

Исто така, феноменот на говор на омраза и Дискриминацијата се правно регулирани и со други правни акти, како што се Закон за Медиуми. Во оваа сфера, како можности за заштита од ваквите оштествено- штетни акти, функционираат Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија и во склоп на него т.н Совет на Честа, Советот на етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и во негов склоп Комисијата за жалби (како советодавно тело).

Согласно со погоре наведеното можеме да констатираме дека, од формално- правен аспект работите се доста добро ситуирани, и како такви имаме солидна правна рамка за превенирање и санкционирање на Говорот на омраза и Дискриминацијата, но ваквата законска рамка доведува до прешироко толкување на говорот на омраза, со што ја оневозможува имплементацијата на кривичните одредби. Тоа е и главната причина за непрепознавањето на делото од страна на судската практика (само мал дел од случаите се судски процесуирани), поради тоа што ваквото негово регулирање захтева широко толкување и познавање на феноменот и областа на говор на омраза. Како можен исчекор во насока на подобрување на целокупната судска практика би можело постепено да почне да се исплементираат искуствата стекнати од практиката на Европскиот суд за човекови права, кадешто постои солидна ,,ризница’’ на пресуди од коишто би можело да се искористи искуство, како одскочна даска, во насока на судско процесуирање на делата на Говор на омраза и Дискриминација.

Ангел Симов и Слободанка Џотова

20 ноември

[Видео] Младинска медиумска писменост во Скопје

Видеото е изработено како резултат на обуката за медиумска писменост што се одржа на 7 и 8 октомври во Скопје. Гостин-предавач беше Александра Теменугова од Висока школа за новинарство и односи со јавност. Обуките се дел од проектот за „Младинска медиумска писменост“ кој го спроведуваат Радио МОФ и Национален младински совет на Македонија, како дел од Коалицијата за медиумска писменост.

[Видео] Младинска медиумска писменост во Велес

Видеото го изработија учесниците и тренерите на обуката за медиумска писменост, која се оддржа во Велес на почетокот на октомври.

13 ноември

Тетово – градот каде депониите цветаат, а културниот и социјалниот живот венеат

Главна тема во Тетово е загадувањето и фрустрациите на граѓаните не се стивнати. Сепак, тоа не е единствениот недостаток на градот. Сè поретко се наоѓа место за забава, релаксација и квалитетно поминато време. Ова создава револт кај младите.

Проблемот е во тоа што во градот има само еден театар каде ретко има претстави, а љубителите на филмот мора да одат дури во Скопје, што претставува и дополнителен трошок, бидејќи Тетово нема своја кино-сала.

Изложбите, пак, се табу тема, бидејќи такви немало со години, ниту пак градот има некаква атрактивна понуда за посета на музеј.

Зборувајќи за ноќниот живот, за време на викенд кога не секогаш има забави во постоечките 3-4 кафулиња, од кои дел се редовно затворани поради служење алкохол на малолетници. Па така, вечерното излегување се сведува на „излежување“ по скали пред институции или маркети.

Ова кај младите доведува до интровертност, сè помалку социјализирање во реалноста, а сè поголема зависност од социјалните мрежи.

Локалните власти со години ветуваа изградба на кино, но објектот се уште е во фаза на изработка. Младите тетовци во меѓувреме имаат потреба од привремено решение, бидејќи според нив, културниот живот во градот трпи штета и покрај својот потенцијал.

Сара Апостоловска

25 октомври

Уважени седум претставки за неетички текстови од Советот за етика во медиумите

Во рамки на обуките младинска медиумска писменост, а во текот на трите обики со средношколци кои се одржаа од новинарите на Радио МОФ во Скопје, Велес и Тетово, една од активностите беше учесниците да пронајдат текстови кои сметаат дека се неетички и не ги запазуваат воспоставените новинарски стардарди. Потоа, до Советот за етика во медиумите, беа испратени седум претставки. Сите се уважени како оправдани.

Одговорите на претставките, пратени во рамки на обуките за медиумска писменост, може да се видат на сајтот на СЕЕМ ( кликни ОВДЕ).

21 октомври

19 октомври

Кучиња скитници повторно го преплавија Тетово

Фото: РСЕ

Граѓаните на повеќе населби во Тетово, се жалат на големиот број кучиња скитници, кои во потрагата по храна, неретко напаѓаат и им прават проблем на граѓаните и локалните трговци.

Најчести жртви на ваквите напади се младите и децата.

Дополнителен проблем за граѓаните е тоа што кучињата скитници го разнесуваат ѓубрето, околу и онака преполните контејнери, што доведува до ширење на непријатна миризба.

Недоволната грижа на локалните власти, кои ги оставаат кучињата невакцинирани и не ги носат на соодветни специјализирани локации, е причина за влошувањето на проблемот, коментираат граѓаните. Ова остава можност лесно да се пренесуваат заразни заболувања, пред сè беснило.

Граѓаните се сомневаат дека кучињата скитници се оставаат во градот и од околните села.

Кај тетовци има загриженост од размножување на овие кучиња и зголемување на нивниот број, но институциите засега молчат.

Во минатото, ваквиот проблем се решаваше со истурање на отрови, но на оваа замка „паѓаа“ и многу домашни миленици, што пак предизвикуваше револт кај сопствениците.

Бојан Лазаревски

16 октомври

 Kиното со години е апстрактен поим за велешани

Градот на Рацин, во кој живеат голем број љубители на филмската уметност со години немаат можност да уживаат во “вкусот” на филмската продукција. Иако Велес е препознатлив по културните манифестации, граѓаните немаат можност да го посетат киното во градот.

„На Велес му треба кино, но ние сме лишени од тоа,”вели Б.К.

Изминатите години младите направија голем број активности со цел повторно  да заживее кино-културата во Велес. Но сепак надлежните  не понудија решение. Зградата на некогашното кино „11 Октомври” стои. Таму покрај просторната  кино сала и одличен капацитет, функционираше и кино летна тераса, одлична за летно уживање. Сепак, со години внатрешноста е руинирана.

Повозрасните се сеќаваат дека киното „11 Октомври” некогаш беше одлично место каде граѓаните можеа да поминат квалитетно време. Младите пак ја немаат таа можност. Тие се принудени да ги посетат кината во соседните градови за да можат да ја почувствуваат моќта на филмското платно.

„Секако дека сакам да има кино, зошто да мораме да одиме до Скопје”-изјави Е.Б

Многу прашања се отворија во јавноста, некои сметаат дека затворањето на киното  е чиста политика, други пак дека финансиите претставуваат проблем. На инфо таблата пред влезот во киното можат да се сретнат  најразлични постери и реклами, но не и најава за промоција на нов филм.

„Подобро би било да има кино, одколку театар,во денешно време барем ние младите повеќе сакаме да одиме во кино, сметам дека доколку има кино ќе биде најпосетувано, како од нас така и од најмалите. Да би имало кино би одела секој викенд”, изјави Ф.М

Тина Божинова

13 октомври

[Фото] Велешани имаат желба, но не и услови за возење велосипед

Се повеќе и повеќе млади се гледаат по улиците на Велес со велосипеди. Но, тие немаат обележана патека каде можат слободно да возат, без исвиркување од возачите на автомобили. Овој проблем е се почест низ градовите во Македонија.

Велосипедисти низ Велес

Се одлучивме да прашаме неколку млади граѓани за проблемите кои ги имаат велосипедистите.

„Мислам дека треба да се зголеми свеста околу велосипедизмот, и многу повеќе да почне да се практикува велосипедизам отколку автомобили. Немаме простор за велосипедски патеки. Но, автомобилите можат повеќе да ја покажат својата свест и да ги пропуштат велосипедистите во тесните грла, па подоцна да ги претекнат на отворено“, изјави А.А.

„Епа мислам дека треба да има означена патека за велосипедистите на тротоарот. Доколку има означени патеки за велосипедисти не би дошло до конфликт помеѓу возачите и велосипедистите. А такви патеки за велосипедисти би требало да има на поголемите и прометни улици“, смета И.Н.

„Поголемиот број возачи на автомобили имаат почит кон велосипедистите. Не сите, но поголемиот дел. Доста важна е и заштитата на самите велосипедисти“, изјави К.В.

„Па добро мислам дека во Велес треба да се почне со изградба на велосипедски патеки, кои ни се неопходни за да бидеме безбедни и сигуни додека возиме. Но, и ние како сами велосипедисти треба сами да бидеме свесни за својата безбедност и да имаме заштитна опрема на нас“, рече Х.И.

„Ни фалат велосипедски патеки. Но и свест кај возачите дека има учесници во сообраќајот на две тркала освен моторите. Кои се велосипедистите секако, чии број на рекреативци е зголемен. Но не сите велосипедисти можат да се снајдат во не ретко густиот сообраќај кој го имаме во градот“, потенцираше В.А., која додаде дека е учесник на оргнизираните маратони со велосипед од „Велес бајкинг“.

Инаку, на 22 септември локалната власт со Министерството за животна средина и просторно планирање организираше слободно возење велосипед на ученици од основните и средни училишта во рамките на Европската недела на мобилност. Ова е 5-та година по ред како во Велес се одржува ваков настан.

Извор: tirekovmirece.com

Тој не е единствен. „Велес бајкинг“ организираат велосипедски маратони како што се Азот маратонот во склоп на Велешката питијада која се оддржа претходниот викенд. Toa воедно беше апел во името на граѓанините на Општина Велес, за обележување на велосипетски патеки, барем на пошироките улици каде е можно ова да се направи, познавајќи дека градот е со тесни и стрми улички.

Автори:
Мартина Переска
Ѓорѓина Славевска
(Текстот е производ од работилницата за „Младинска медиумска писменост“ во Велес)

12 октомври

[Видео] Што е медиумска писменост? – анкета со скопјани

Анкетите се производ на група средношколци кои беа дел од работилницата по медиумска писменост што се одржа во Скопје, на 7 и 8 октомври.

9 октомври

[Видео] Што е медиумска писменост? – анкета со Велешани

Анкетите се производ на група средношколци кои беа дел од работилницата по медиумска писменост што се одржа во Велес на 30 септември и 1 октомври.

7 октомври

ШOКАНТНО: Караница во Дебар Маало! (лажна вест)

Двајца возачи на ул.Ленинова се скараа за паркинг место.Ситуацијата стана сериозна беше повикана и полиција.

Градоначалникот на општина Центар, Жерновски, од 4-годишен мандат не ги исполни ветувањата на граѓаните за подобрување на урбанистичкиот план,а воедно не инвестирал во паркиралишта. Револтираните граѓани веќe формираат иницијатива која ќе се бори со непочитување на правилата во сообраќајот.

Анонимен извор  вели :,,Револтирани сме од власта, особено од Жерновски  бидејќи ние секој ден се соочуваме со проблеми како несовесни возачи, паркирање на тротоари и тоа пред нашите домови.Нашата безбедност и безбедноста на нашите деца е загрозена.”

 КОНЕЧНО: Решен е деценискиот проблем со паркинзите во Дебар маало! (лажна вест)

 

Во Општина Центар се изгради нов монтажен паркинг како трајно, системско решение на проблемите  со кои се соочуваа граѓаните од Дебар Маало.

Со овој проект конечно се дава решение на проблемот со пренасочување на паркирањето и солободување на тротоарите од оваа населба

„Заради дотогашната лоша соработка со претходната власт и недоволната контрола од страна на тогашното МВР, ограничувањето на сообраќајот не се почитуваше во целост’’ – изјавуваат локалните власти.

Монтажниот паркинг е изграден меѓу празните општински бараки Министерството за одбрана и истиот има капацитетна можност да прими од 270 до 350 возила.

Исто така, со овој проект се решава и деценискиот проблем со паркирањето на Боемска улица, но и на државните институции и општински власти кои функционираат во околните објекти. Од општината следно најавуваат поставување на заштитни столпчиња на сите улици, со што населбата Дебар Маало би постанала пешачка зона и еколошки почиста средина за живеење.

Општина Центар пред една година го изгради првиот монтажен паркинг позади трговскиот центар Буњаковец и со овој проект се обезбедија 140 места за бесплатни паркирање на возила..

Дебар маало има потреба од катни гаражи- Тротоарите се за пешаците

Граѓаните на Дебар Маало рекоа дека имаат проблем со пркинзите. На поставеното прашање дали имаат некакви потешкотии во наоѓањето на паркинг место, анкетираните граѓани ги отворија своите срца и домови и ни кажаа дека, особено по завршувањето на работното време, имаат особено големи проблеми во наоѓањето на паркинг место и се соочуваат со блокираност на пешачките патеки.

„Еден од проблемите во Дебар маало е паркирањето. Оссновен проблем е што пренатрупано е со возила. Треба катни гаражи. Не може ова вака, тротоарите се зафатени“, изјави еден од анкетираните жители на Дебар маало.

Пренатрупаноста од автомобили и узурпираниот простор од продолжените тераси на околните кафе барови во населбата значително го отежнуваат  општоколективното движење. Исто така, како проблем го наведоа и отежнатото доставување на роба и репроматеријали во маркетите и пазарите како резултат на пренатрупаноста со возила, како на обележените паркинг места така и на тротоарите.

Како едно од можните решенија за наведените проблеми на граѓаните, ни наведоа дека разумно решение би било градењето на повеќеетажна катна гаража, на разумно растојание од фрекфентните улици.

Притоа изјавија дека ваквиот долготраечки проблем би требало да биде решен, но никако на сметка на зеленилото.

6 октомври 2017

[Видео] Што е медиумска писменост? – анкета со Тетовци

Анкетите се производ на група средношколци кои беа дел од работилницата по медиумска писменост што се одржа во Тетово на 23 и 24 септември.

4 октомври 2017

[Став] Пред зимата во Тетово останаа еколошките проблеми

Доаѓа зимата, а проблемот со загадувањето продолжува во Тетово. Секојдневно граѓаните се приморани да го вдишуваат нечистиот воздух.

Во период пред да започне грејната сезона, загадувањето е на високо ниво и потребно е да преземеме мерки, баш тогаш кога е најалармантно. Лани, Тетово беше прогласен за најзагадениот град во Европа.

Граѓаните своето незадоволство го покажаа преку масовни протести, а властите наместо да се зафатат со решавање на проблемот, вината ја насочија кон фабриката „Југохром“. Фабриката сега е затворена, градењето на згради продолжува, а проблемите со загадувањето сè уште ги има. Последните години овој проблем особено се зголемуваше кога паѓаат температурите.

Пред некоја недела беше запалена депонијата, а маалата во близина беа полни со чад. Сето ѓубре е расфрлано по улиците, поради недостиг на корпи за отпадоци, а ние се прашуваме како нашето дете ќе живее во ваква околина.

Теодора Петровска

2 октомври 2017

[Фото] Велосипедските патеки во Тетово

Тетовци ретко се одлучуваат да ги возат своите велосипеди бидејќи во недостаток и узурпација на велосипедските патеки, тие се принудени да се изложуваат на опасност и да возат по градските коловози покрај автомобилите.

Наместо практикување здрав и активен начин на живот, граѓаните велат дека патувањето на велосипед од една до друга локација во градот е вистински чин на храброст, додека истовремено коментираат дека се исплашени од бројните вести за повредени велосипедисти.

Средовечен човек на велосипед беше повреден во близина на трговскиот центар „Веро“, меѓу последните во серијата вакви инциденти на тетовските улици.

Иако по главниот градски булевар постои велосипедска патека, таа најчесто е непроодна бидејќи на неа се паркираат автомобили или се поставени контејнери. Поради пречките, велосипедистите се приморани да возат по улица.

Градот под Шар Планина веќе долг период се соочува со високо загадување на воздухот и останува без соодветно решение на проблемот. Големиот број автомобили и густиот сообраќај од експерите се посочува како една од главните причини за високото аерозагадување.

Александра Николовска

1 октомври 2017

ФОТО: ВИДЕТЕ ШТО ДЕНЕСКА ГИ РАЗГНЕВИ ВЕЛЕШАНИ (лажна вест)


Денес во Велес се одржа протест на здружението „Гласот за животните“ кој ги вознемири граѓаните . Малиот број на бучни протестанти ги иритираа случакјните минувачи и станарите. Маршот започна од интернатот „Лазар Лазаревски“ и продолжи кон трговскиот центар, до кружниот тек кон центарот на градот и назад кон едносмерната улица, се до Општина Велес и полициската станица. Потенцијалниот градачалник Аце Коцевски го поддржа протестот во склоп на неговата кампања, додека сегашниот градоначални беше против и ја испрати полицијата кои им пречеа на демонстрантите.

Изиритирани од ваквиот пристап демонстрантите протестираа се погласно и ги возмемирија граѓаните во ова мирно неделно попладне, кои веќе се презаситени од протести. Минувајќи покрај кафулињата добија мраз по главите. Минувајќи низ центарот попречија слободно да се движи една велосипедска група, но попречија слободно да се одвива и една свадбена прослава.
Инаку протестот беше за заштита на кучиња скитници.

ВЕЛЕШАНИ ГО КРЕНАА ГЛАСОТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ (вест)

Денес во попладневните часови низ велешките улици се организираше протестен марш на Здружението „Анимал воис“ со цел заштита на животните. Протесниот марш се движеше низ главните улици на Велес со почетна локација Интернатот „Лазар Лазаревски“.

„Целта е да се поттикне свеста на народот, забрани продажбата на слободен отров којшто може да го купи секој, а е нелегален отров“, изјави Драгана Димовска, четиригодишен активист на Здружението.

Драгана Димовска

Маршот беше поддржан од љубителите на домашните миленици кои директно беа засегнати од постоењето на овој проблем.

Меѓу големиот број присутни поддржувачи, беше присутен и кандидатот за градоначалник на општина Велес, Аце Коцевски и претседателот на еколошкото друштво „Вила Зора“, Ненад Коциќ.

Здружението бара да се зголемат капацитетите за згрижување кучиња од улица во стационар во Велес.