Недостигаат лекови за лицата кои живеат со ХИВ

„Заедно посилни“Недостигаат лекови за лицата што живеат со ХИВ. Овa се случува вторпат годинава, обвинуваат од „Заедно посилни“, здружението за поддршка на лицата со ХИВ во Македонија.

Во моментов нема тенофовир, еден од основните лекови и  дел од тројната комбинација што мора да ја примаат најмалку 15 пациенти. На почетокот на годината, пак речиси 2 месеци била прекината доставата и на другиот основен лек – невирапин, кога директно загрозени останале 13 пациенти, изјави Андреј Сених, координатор на „Заедно посилни“.

Од здружението се револтирани од односот на институциите кон лицата со ХИВ. Појаснуваат дека секое прекинување на лекувањето сериозно влијае на здравјето на пациентите.

Izjava Andrej Senih by Radio Mof on Mixcloud

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ги негираа ваквите тврдења. Според директорот, Звонко Миленковиќ, не е точно дека пациентите се оставени сами на себе.

Шеесетина пациенти користат антиретровирусен третман на клиниката, информираше Миленковиќ, од кои 15 лек тенофовир,  кој веќе е набавен, а од следната седмица и достапен за пациентите.

„Можни се периоди во кои некој од овие лекови недостига. Но тоа не значи дека алтерацијата со комбинација од други лекови не може да ги оствари посакуваните ефекти. Напротив, тоа е апсолутно можно. Кога недостига некој лек, можна е комбинација со други лекови“, посочи Миленковиќ кој за ваквите проблеми вината ја наоѓа во тоа што лани имало поголем број пациенти од очекуваните.

За Андреј Сених, од „Заедно посилни“, ваквите оправдувања се неприфатливи.

Izjava Andrej Sehih by Radio Mof on Mixcloud

Од здружението,  апелираат да се зголеми буџетот за превентивната програма за ХИВ за да има доволно лекови. Бараат зголемување на буџетот за 2013 година, бидејќи, како што велат парите веќе се потрошени, а антиретровирусна терапија нема доволно.

Тие упатија апел и до Инфективната клиника, да не дозволуваат вакви пропусти и да реагираат навреме, за да не се повторуваат вакви кризни состојби, кога пациентите беа најава се оставени сами на себе.