Недела на шведски филм во Кинотека на Македонија

Со документарниот филм „Палме“, снимен минатата година, утревечер во Кинотеката на Македонија ќе почне Неделата на шведски филм, во чии рамки до 12 ноември ќе бидат прикажани уште шест филма од новата шведска кинематографија.

Недела на шведски филм во Кинотека на Македонија

Филмот за отворањето е снимен по сценарио и режија на Кристина Линдстром и е посветен на животот и времето на познатиот шведски премиер Олоф Палме (1927-1986), како и за Шведска која тој ја создаде. По 25 години од неговото убиство, членовите на семејството Палме првпат отворено зборуваат за трагичниот настан, за животот со него, за притисокот под кој биле поради политичките ставови на Палме.

„„Палме“ ги надмина сите рекорди на гледаност кога минатата есен беше премиерно прикажан во Шведска и е најгледан документарен филм во последниве 30 години“, соопшти Кинотеката.

Гостинка на проекцијата ќе биде и ко-режисерката на овој документарен филм Мод Никандер, која ќе и се обрати на публиката, а во 13 часот утре таа во киносалата на Кинотеката ќе одржи и предавање за документарен филм и фотографија, кое ќе биде отворено за сите заинтересирани.

Неделата на шведски филм во петок ќе продолжи со филмот „Пилотска кабина“ од 2012 година, на режисерот Мартен Клингберг, „Стокхолм-Исток“ во режија на Симон Каијсер да Силва (2011) ќе биде прикажан на 9 ноември, а наредниот ден е шведско-данскиот филм „Среќен крај“ на Бјорн Рунге (2011),

Во понеделник, 11 ноември, ќе биде прикажана шведско-данската копродукција „Кралски накит“ во режија на Ела Лемхаген (2011), а на последниот ден од филмската ревија – 12 ноември, на програмата се два филма снимени пред две години – од 18 часот е шведско-финскиот „Ми недостигаш“ по сценарио и режија на Андерс Грунрос и од 20 часот – „Уште четири години“ во режија на Това Магнусон.