Филмската ревија „„Прозорец кон италијанскиот филм“ во Кинотека“ ќе се одржува во Кинотеката на Македонија до 20 март.
Филмот кој ќе го отвори овој настан е „Златно момче“, драма во која главна улога ја има американската актерка Шерон Стоун. Ревијата0 од седум филмови пак ќе беде затворена со филмот „Патувањето наречено љубов“ на Микеле Плачидо, филм за љубовите на поетесата Сибила Алерамо.
Програмата ќе се одвива по следниот распоред:
14 март (понеделник) 20:00 ч.
ЗЛАТНО МОМЧЕ, Режија: Пупи Авати (Pupi Avati), Сценарио: Пупи Авати, Томасо Авати (Pupi Avati, Tommaso Avati), Улоги: Рикардо Скамарчио, Шерон Стоун, Кристиана Капотонди (Riccardo Scamarcio, Sharon Stone, Cristiana Capotondi)
Давиде е младич кој работи како автор на сценарија за пропагандни филмови во Милано. Неговиот татко е успешен сценарист на Б филмови. Давиде добива вест дека татко му починал и оди во Рим. Таму Давиде ќе се сретне со издавач (Шерон Стоун) која сака да ја издаде биографијата на неговиот татко. Биографијата е на самиот почеток и Давиде почнува да ја пишува и се соживува со улогата. Рикардо Скамарчио е одличен во улогата на растревожениот, опсесивен син кој е на работ на лудилото, исто како и Шерон Стоун во улогата на големиот издавач на книги. На фестивалот во Монтреал, филмот има освоено главна награда за најдобро сценарио.
15 март (вторник) 20:00 ч.
БЕСТРАШНИОТ, Режија: Џани Амелио (Gianni Amelio), Сценарио: Давиде Лантиери, Џани Амелио (Davide Lantieri, Gianni Amelio), Улоги: Антонио Албанезе, Ливија Роси, Габриеле Рендина (Antonio Albanese, Livia Rossi, Gabriele Rendina)
БЕСТРАШНИОТ е комедија на режисерот Џани Амелио од 2012 година. Прикажана е во главната натпреварувачка селекција на 70-тиот Интернационален филмски фестивал во Венеција. Антонио живее во Милано, но нема постојана работа. Негова специјалност е да менува други работници на определено кратко време, бидејќи многу сака да се преправа, да биде некој друг. Но Антонио наскоро ќе сфати дека мора да направи нешто многу поконкретно со својот живот и му се посветува на својот син, млад музичар кој има трема од настапи на концерти.
16 март (среда) 20:00 ч.
ЛЕОПАРДИ: ВОЛШЕБНИОТ МЛАДИЧ, Режија: Марио Мартоне (Mario Martone), Сценарио: Марио Мартоне, Иполита ди Мајо (Mario Martone, Ippolita Di Majo), Улоги: Елио Џермано, Микеле Риондино, Масимо Пополицио (Elio Germano, Michele Riondino, Massimo Popolizio)
Филмот ја раскажува приказната за краткиот живот на големиот италијански поет Џакомо Леопарди. Бил благородник, роден во Реканати и набргу почнал да учи латински, грчки, хебрејски, арамејски и англиски во богатата библиотека во неговото родно место која ја изградил неговиот татко. Џакомо имал и љубопитен, немирен дух и сакал да патува за да ги прошири видиците и знаењето, што било вообичаено за европската аристократија од 19 век, но тоа било сосема различно од желбите на неговите родители. Поетот ги започнува првите дела посветени на човечката душа, доаѓајќи до заклучок дека несреќата е константен чинител на битисувањето и дека за тоа во животот нема лек. Во 1820 г., Леопарди го напушта родниот Реканати, и тргнува за Рим и Фиренца, каде не успева да ги достигне неговите високи очекувања за интелектуална награда и јавно признание. Постојано страда од невозвратена љубов: онаа што ја чувствува кон контесата Таргиони Тоцети, што придонесува кон негативниот поглед на Леопардикон животот и човековото постоење. Конечно се сели во Неапол, каде што умира.
17 март (четврток) 20:00 ч.
ЧОВЕКОВАТА ВАРИЈАБЛА, Режија: Бруно Оливиеро (Bruno Oliviero), Сценарио: Валентина Чикоња (Valentina Cicogna), Улоги: Силвио Орландо, Џузепе Батистон, Сандра Чекарели (Silvio Orlando, Giuseppe Battiston, Sandra Ceccarelli)
Инспекторот Монако е уморен од работата и по смртта на својата сопруга со години е посветен само на административни активности. По убиството на г. Улрих, претприемач кој е тесно поврзан со политиката, неговите претпоставени сакаат тој да се погрижи за случајот, поради неговата деликатност. Истата вечер во станицата е приведена и Линда, малолетната ќерка на Монако. Таа е приведена поради пукање во шишиња со незините пријатели. Истрагата ќе го однесе во корупцијата и декаденцијата на политиката, но филмот воедно е и приказна за татко и ќерка, кои на денот на смртта на нивната сопруга/мајка одеднаш престанале да комуницираат.
18 март (петок) 20:00 ч.
БРАКОВИ И ДРУГИ НЕВОЛИ, Режија: Нина ди Мајо (Nina Di Majo), Сценарио: Франческа Бруни, Нина ди Мајо (Francesco Bruni, Nina Di Majo), Улоги: Фабио Воло, Маргерита Баи, Лучијана Литиѕето (Fabio Volo, Margherita Buy, Luciana Littizzetto)
Кога Беатриче мора да оди на служебно патување токму пред нејзината свадба, нејзината сестра Нана ја добива честа да ја организира свадбата заедно со нејзиниот иден зет. Со тоа започнува и сексуалната тензија помеѓу Нана и идниот зет, а се открива и по некоја семејна тајна. Филмот на Нина ди Мајо е сосема врамен во рамките на жанрот на романтичната комедија и доаѓа осум години по дебитантскиот филм ЗИМА со кој Мајо влезе во официјалната селекција на Берлинскиот филмски фестивал.
19 март (сабота) 20:00 ч.
ДА БЕВ ТИ, Режија: Џулио Манфредонија (Giulio Manfredonia), Сценарио: Валентина Капечи (Valentina Capecci), Улоги: Алберто Боњани, Паола Кортелези, Фабио де Луиџи (Alberto Bognanni, Paola Cortellesi, Fabio De Luigi)
Андреа е вработен. Живее со неговата жена, двете деца и мајката на жена му. Неговиот семеен живот го гуши, ја мрази здодевната и монотона работа и сонува да биде сам и да ужива во самотијата. Бебо е успешен бизнисмен. Има јака личност и затоа е отуѓен од сите околу себе,од сите освен од неговата лојална и мазохистичка секретарка Вероника, која и покрај неговото однесување, го обожава. Но чувствата не се заемни, Вероника е игнорирана од шефот. Кристијан е диџеј во валкани локали и на сексуални оргии. Тој е фрустриран, нема пари, а е вљубен во прекрасната аптекарка Катерина и сонува да организира голем поп-концерт. Еден ден Андреа, Бебо и Кристијан сосема случајно се заедно на терасата на еден крајбрежен ресторан. Одеднаш има молња на небото и тие тројцата се наоѓаат трансформирани во човекот, чијшто живот сонувале да го живеат. Треба малку време за да сфатат што се случува, но по неколку недоразбирања ѝ се препуштаат на ситуацијата…
20 март (недела) 20:00 ч.
ПАТУВАЊЕ НАРЕЧЕНО ЉУБОВ, Режија: Микеле Плачидо (Michele Placido), Сценарио: Сибила Алерамо, Дино Кампана, Микеле Плачидо, Диего Рибон, Хajдрун Шлиф (Sibilla Aleramo, Dino Campana, Michele Placido, Diego Ribon, Heidrun Schleef), Улоги: Лаура Моранте, Стефано Акорси, Алесандро Хабер (Laura Morante, Stefano Accorsi, Alessandro Haber)
Филм за животот и скандалозните љубови на Сибила Алерамо, поетеса која живеела на на почетокот на 20-от век. Животот и љубовите на поетесата Сибила Алерамо се портретирани низ наративен и хронолошки лак, започнувајќи од нејзината рана младост сѐ до нејзината зрела возраст, со фокус на периодот од 1916 г. до 1918 г., годините кога таа се запознала и се вљубила во поетот Дино Кампана. Ова се најинтензивните и најболни години на нивната страсна и непостојана врска, прекрасно оживеана преку нивната кореспонденција, врз којашто е базирано сценариото.