Традиционалната Недела на франкофонски филм годинава ќе се одржи од 23 до 30 јуни во Кинотека на Македонија. Ќе започне во понеделник со почеток во 20 часот со проекција на филмот „Ривиера“ на Орфеас Перецис, во француска и грчка копродукција.
Настанот ќе го отворат г-ѓа Кристина Василату, Вршителка на должност во Амбасадата на Грција во Македонија, и г. Иго Бештел, Директор на Францускиот институт во Скопје и Советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција.
Распоредот на проекциите го пренесуваме во целост:
- Вторник 24 јуни, од 20 ч., „Странецот“, на Ники Илиев, во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар;
- Среда 25 јуни, од 20 ч., „Куче на суд“, на Летисија Дош, во организација на Амбасадата на Швајцарија;
- Четврток 26 јуни, од 20 ч., „Таа Нова година што никогаш не дојде“, на Богдан Мурешану, во организација на Амбасадата на Романија;
- Петок 27 јуни, од 18 ч., „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, во организација на Кинотеката на Северна Македонија;
- Петок 27 јуни, од 20 ч., „Слогани“ на Ѓерѓ Џувани, во организација на Амбасадата на Албанија;
- Сабота 28 март, од 18 ч., „Вереницата на поетот“ на Јоланда Моро, во организација на Амбасадата на Белгија во Софија,
- Сабота 28 јуни, од 20ч., „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“, петкратен добитник на наградите Цезар, на Жана Ери, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција;
- Понеделник 30 јуни, 20ч., затворање на Неделата на Франкофонскиот филм, со проекција на филмот „Ру“, на Шарл-Оливие Мишо во организација на Амбасадата на Канада во Белград.
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за дел од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.
Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.
Неделата на франкофонски филм ја организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во соработка со Амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата: Грција, Бугарија, Швајцарија, Романија, Македонија, Албанија, Белгија, Франција и Канада.