Недела на филмови од Владимир Блажевски во „Котур“

Во „Котур“ ќе се одржи „Филмска Азбука 002 “, недела посветена на творештвото на македонскиот режисер, професорот Владимир Блажевски. Од 22 до 28 март ќе бидат прикажани пет долгометражни филмови од авторот, а истовремено ќе бидат изложени и постери од овие филмски остварувања. Сите филмови се прикажуваат од 20 часот.

Исто така, публиката ќе има можност да присуствува на разговаро со режисерот, со што целта на „Котур“ е да се доближи поблиску до неговиот начин на работа и неговата перцепција на современиот игран филм. По проекциите, присутните ќе уживаат и во сооедветна музичка селекција.

Најпрво, на 22 март ќе има проекција на најновиот филм на Блажевски, „Година на мајмунот“. Двата главни протагонисти на оваа црна комедија се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје и шимпанзото Коко, жител на истата градина. Едноставната приказна се плетка околу бегањето на Коко „од ропство во слобода„.

На 24 март во истиот термин следува „Панкот не е мртов“, црна комедија чии протагонисти се панкери кои се оставени на маргините во матното време на македонската транзиција. Рутината на преживување на нивните аутсајдери е вознемирена од понудата од локалната невладина организација: да се направи обединување на еднократниот култ панк бенд и тој да свири на некое бизарно „мулти-културно-случување“, кое е за да се покаже лажна слика за Македонија како земја без етничките тензии.

На 25 март на менито е „Кинески пазар“ (Der Chinesische Markt). Филмот ја следи приказната за Рашид од Босна, Михаела од Романија, Бошко од Македонија и Маргит од Унгарија, кои живеат од препродавање на стока, како и стотици илјади Источно Европејци што го извлекле подебелиот крај по рушењето на берлиснкиот ѕид.

Претпоследниот ден (27 март) е резервиран за „Булевар на револуцијата“. Синопсисот е следен: Билјана е 17 годишна ќерка на полицаец. Драган е ситен криминалец. Двајцата се лудо заљубени живеејќи во град каде што се чувствува мирисот на војната која се одвива во негова близина. Завоени времиња во земја која се распаѓа не се времиња за среќна љубов. Ова е приказна за Белград во едно мрачно време и животот на младите кои живеат во него.

На финалниот ден (28 март) од „Филмска Азбука 002“ ќе се прикажува „Хај Фај“, создаден според мотивите на истоимената театарска претстава на Горан Стефановски. Борис Бојановски, после пет години поминати во затвор, не успева да се снајде во ситуацијата која што ја наоѓа во сопствениот дом. Филмот го следи развојот на односите помеѓу таткото и синот врз кои се рефлектираат и некои пошироки општествени проблеми на современиот македонски и југословенски живот.