„НЕ за пасивноста во културата“ – настан на здружението „Аксиос“ во „Музеј на Македонија“

Од 1-ви до 3-ти јуни во НУ „Музеј на Македонија“, студентското археолошко здружение „Аксиос“ најавува серија дискусии, филмски проекции, поезија и забава, на настан наменет да се каже не на пасивноста во културата.

Студентите од „Аксиос“ велат дека како идни активни учесници во археологијата и историјата на уметност веруваат дека е потребна поширока одговорност во градењето на културата во општеството.

„Работниците во полето на културата имаат значајно место во општеството, тие се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Од тука тргнавме да организираме настан кој ќе го потенцира местото на културата, науката и уметноста – археолози, историчари на уметност, историчари, филозофи, етнолози, класичари, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари… – сите на едно место да ги срушиме бариерите и да кажеме НЕ за пасивноста во културата“, порачуваат од здружението.

Од „Аксиос“ информираат и дека за време на целиот настан ќе има катче каде присутните ќе може да проследат создавање на уметнички дела на отворено, како и да го поддржат создавањето на применетата уметност преку купување на облека, торбички и други рачни изработки.