Не ведни глава, придружи се – Трет студентски пленум

Во вторник (4 ноември), автономната студентска иницијатива Студентски пленум најавува трета неформална средба меѓу студентите на којашто ќе се разговара за предлогот на Министерството за образование да има екстерно тестирање.

Според нивната објава на ФБ страницата, средбата ќе се одржи во просториите на Архитектонскиот факултет, во 18 часот.

Во петокот, стотина студенти се собраа пред Ректоратот на универзитетот „св. Кирил и Методиј“ пред почетокот на состанокот помеѓу Ректорот на УКИМ и универзитетскиот сенат со цел прашањето за екстерното тестирање да биде дискутирано.

Притоа, ректорот прими двајца студентски претставници, а потоа и даде изјава за медиумите во која кажа дека „ниту универзитетот УКИМ, ниту некој друг универзитет има добиено официјален допис од Министерството“.

„Ние се обративме до министерството да ни го достави предлогот во писмена форма, штом ќе го добиеме преку јавни дебати ќе дебатираме заедно со сите засегнати органи.Не можеме да дадеме мислење за нешто што не сме го виделе. Ќе расправаме во присуството и на студентите и на нивните преставници и ректорите“, изјави Стојковски пред присутните студенти.

Студентски пленум се опишува како автентична иницијатива покрената од самите студенти која се оградува од било какво партиско влијание. Тие ги охрабруваат сите да продолжат да доаѓаат на студентските пленуми како независни студенти и да зборуваат од свое име за да се дојде до заедничко решение кое на сите ќе им одговара. Претходната средба се одржа на Електро- машинскиот факултет.