„Не сме виделе ваква суша, ваква болест“: Сомалиските семејства ги закопуваат своите мртви

Во Сомалија повеќе од шест милиони луѓе имаат потреба од помош, после две години без дожд, известува Џејсон Бурк, репортер на Гардијан, од Сомалија.

Нема пат до од прилика стоте колиби покриени со лим, расфрлани меѓу сувите дрвца, кои го сочинуваат селото Ердон. Само една правлива патека оди по стрмниот рид, околу 10 милји низ грмушките, до централниот сомалиски град Баидоа.

Едно утро минатата недела, Иман Адам присуствуваше на часовите кои ги држи локален службеник, под големо дрво. Потоа, седумгодишното девојче си играше и ѝ помагаше на мајка си со домаќинските задачи.

Како што се наближуваше самракот, Иман почна да повраќа. Потоа, дојде и дијарејата. За неколку часа, брзо згаснуваше. Соседите ѝ кажаа на мајка ѝ, Садије Ибрахим, за нова клиника во Баидоа која може да го спаси животот на детето. Го врза нејзиното сега несвесно најстаро дете на грбот со шал, и почна да трча во ноќта.

Здрав и способен возрасен човек може да стигне до градот за два или три часа. Садије, ослабена од неделите во кои живее само со неколку шаки житарици и неколку литри гнасна вода секој ден, и носејќи болно дете низ темнината, патуваше многу подолго. Пристигна во клиниката речиси на полноќ. Ќерка ѝ умре неколку часа подоцна.

„Не знаеме за оваа болест. Никогаш не сме го виделе ова“, рече кратко после погребот на Иман.

Гладот повторно ѝ се заканува на Сомалија. Со недостатокот на храна, доаѓа и болеста, а со болеста доаѓа смртта.

Детето на Садије умре од колера или слична бактериска инфекција, добиена поради несанитарните услови. Настрада од масовна загуба на флуиди, што доведе до шок и откажување на органите. Колерата може да убие неухрането и дехидрирано дете за неколку часа. Лесно се лекува, но само ако болниот добие медицинска помош брзо. Ендемските болести како колерата во Сомалија сега се шират побрзо и пошироко, отколку што некој има видено со години.

И сушата е најлоша во сеќавањата на живите. Агенциите за помош веруваат дека повеќе од шест милиони луѓе во Сомалија имаат потреба од помош, а на половина од нив им се заканува изгладнување. Две години поминаа без капка дожд. Стоката изумре, бунарите се исушија, а полињата се празни.

Претходните подготовки и великодушниот одговор на барањата за финансии значат дека ужасните сцени од последниот глад во Сомалија пред шест години, во кој се верува дека умреа 250.000 луѓе, може штотуку да биде сопрени. Некои хуманитарни работници користат истражувања од гладот во 2011 за да предвидат дека најмалку 60.000 веројатно ќе умрат годинава во „најдобар случај“.

Во селата околу Баидоа и низ најпогодените области на јужна и централна Сомалија, бројот на смртни случаи се таложи. Има смрт и поради недостаток од храна, но болеста е најголемиот убиец. Поминете еден час со луѓето кои доаѓаат во градот, на 180 милји северозападно од Могадишу, и ќе најдете татковци кои закопале четири деца за ист број на денови, баби и дедовци оставени да умрат во селата, и доилки кои носеле близнаци по 70 милји под пеколното сонце, во последен обид да најдат помош.

Агенциите за помош исто така признаваат дека официјалната бројка на ОН за 550 смртни случаи, е резултат на колера или слична болест во Сомалија од почетокот на годината, е „многу ублажена“. Вистинската бројка би можела да биде 10 пати поголема, или повеќе. „Спасете ги децата“ има поставено пет клиники во Баидоа. Во клиниката во која умре Иман, имале 1.900 случаи од февруари. Трите мобилни тимови на хуманитарците стигнале до повеќе отсечени села минатата недела и се справиле со 750 случаи за само три дена.

На сите им е јасно дека најлошото штоутку доаѓа. Половина милион Сомалијци ги напуштија своите домови, упатувајќи се кон градовите. Двојно повеќе од нив можеби ќе се иселат до крајот на годината – речиси десетина од вкупното население на државата од 11 милиони. Околу 100.000 нови жители живеат во импровизираните кампови во предградието на Баидоа.

„Ова е многу, многу загрижувачко. Сите класични знаци на глад се овде“, вели Хасан Нур, директор на „Спасете ги децата“ (Save the Children) во Сомалија.

Дури и ако падне очајно очекуваниот дожд во мај, ќе треба да поминат месеци за нова жетва. А, дождот значи дека болестите поврзани со несанитарните услови и загадената вода ќе се зголемат.

Состојбата во Сомалија е само една алка во синџирот на кризи кој се протега илјадници милји од североисточна Нигерија, преку Јужен Судан и на крај до Јемен. Сè на сè, на повеќе од 20 милиони им се заканува глад. Службениците од ОН велат дека кризата е најголема откако организацијата беше основана во 1945 година.

Мајкл Китинг, директорот на ОН за Сомалија, вели дека реакцијата на меѓународната заедница досега е многу импресивна, но „потребите ги надминуваат можностите да се одговори“.

„Ако не заврне дожд, имаме еден тип на хуманитарен проблем, а ако заврне, ќе имаме друг“, вели тој.

Да се стигне до оние на кои им е најпотребна помошта е огромен предизвик. Најпогодените заедници во Сомалија живеат во руралните области, каде власта на ал-Шабааб, исламистичките милитанти поврзани со ал-Каеда, е најголема. Групата порано држеше поголем дел од државата, но постојаните офанзиви на регионалните миротворци и сомалиските војници поддржани од воздушните сили на САД, ги протераа од поголемите градови. Баидоа можеби е под владина контрола, но околните села се зона на промениви сојужништва каде екстремистите, клановите и владините сили се натпреваруваат за моќ.

„Владините војници доаѓаат, често преку ден. И екстремистите доаѓаат, обично преку ноќ, но никој не помага“, вели Али Мухамед Мурса, старец од селото Херера Фул, кој ги донел своите две сопруги и 10 деца во Баидоа пред две недели.

Ал-Шабааб претходно ги забрани интернационалните хуманитарни организации од селата кои ги контролира. Минатата недела два конвои на хуманитарци беа погодени од бомби во Могадишу, што е последен од стотици вакви напади врз хуманитарците во државите. Да се стигне до два милиони од најзагрозените луѓе во Сомалија, често зависи од кршливите локални договори со командантите на ал-Шабааб, велат од агенциите.

Резултатот е егзодус од околините контролирани од групата. Во вториот камп надвор од Баидоа, изморени нови жители се сместуваат.

„Нема ништо од кадешто доаѓаме. Стоката изумре, нема храна која можеме да си ја дозволиме… Ако останеме, сите ќе умреме“, вели Хава Али, кој пешачел осум дена со уште пет семејства, носејќи две деца, од неодамна сирачиња. Многу си одат предоцна, а патувањето може да биде претешко за слабите.

Аднан Муктар, 36, погребал две од своите пет деца крај патот како што доаѓале од Ваџит, на 60 милји подалеку. „Умреа бидејќи немавме вода. Не знаев колку се слаби. Доаѓав овде за да ги спасам“, вели тој.

Агенциите за помош прават што можат. „Спасете ги децата“ дистрибуира пари и храна на десетици илјади домаќинства во Баидоа, а има операции и низ цела Сомалија. Локалните заедници исто така помагаат, претежно преку џамиите, како и Сомалијците од странство.

„Граѓанското општество, религиозните лидери, дијаспората, владата… Сите работиме заедно деноноќно“, вели Абдирахман Јарисоу, министер за информирање.

Но, опсегот на недостатокот ги поразува сите обиди. Седум илјади луѓе сега живеат во мали засолништа од дрво и платно, на мала чистинка низ трнливите грмушки на работ на Баидоа. Непланираниот камп нема канализација, а жителите добиваат само по малку вода од ОН. Нивните залихи на храна се потрошени. Секој час носи нови жители, а првите случаи на акутна дијареа или колера се веќе забележани.

Садије не виде како ќерка и умира. Немаше избор, освен да ја остави на грижата на медицинските сестри. Се врати во нејзиното село, трчајќи уште еднаш низ грмушките во ноќта, за да ја донесе својата втора ќерка, Момено. Четиригодишното девојче беше исто така болно. Но, додека да ја донесе во клиниката, веќе се правеа подготовки за погребот на Иман.

Момено сега е добро, велат сестрите, и речиси се сигурни дека ќе преживее. Но, мајката на Садије се јави и каже дека сега е болна и нејзината најмала, двегодишна ќерка.

„Оваа болест… Оваа суша… Никогаш не сме виделе нешто вакво“, вели Садије.