„Не си сама“ – третото издание на SexEd посветено на насилството

Под слоганот „Не си сама“ во четврток (26 ноември) ќе се одржи третото издание на едукативно-инспиративниот настан SexEd кој ќе ја обработува темата на насилството.

Пет говорници од Северна Македонија, Белгија и Шведска ќе зборуваат за секстингот, за (не)прифатливото сексуално однесување и за соодветните реакции, за важноста на образованието и за насилните искуства на младите, за смелоста да се реагира – дури и на музички фестивали, ама и за (работата со) сторителите на насилство.

Од Хера, кои го организираат настанот, велат дека се одлучиле ова издание да го посветат на оваа тема затоа што колку поретко се зборува за насилството, толку почесто се случува.

„Токму затоа, третото издание на SexEd му го посветуваме на насилството – семејното, сексуалното, врсничкото, родово базираното. Сеприсутно (и) кај нас, а сепак невидливо за надлежните. Така, ни се случи „Јавна соба“ – една јавна и којзнае уште колку тајни! Така се нижат неброени случаи на насилство, кон кои медиумското око најчесто се свртува само кога се фатални. Исход кој станува уште поверојатен сега, за време на пандемијата, кога за многу жени и деца домот се претвори во место на уште поголем страв и трепет. А волјата да се превенира наместо да се санира постои само на хартија: ја ратификувавме дури и Истанбулската конвенција, но и натаму немаме доволно засолништа и советувалишта, а институциите си ја префрлаат топката и постапуваат „итно“ обично кога е веќе предоцна. За поретко да се случува, мора почесто да се зборува!“, велат од ХЕРА.

Годинава, SexEd за првпат ќе се случи онлајн, преку платформата „Zoom“. Организаторите велат дека линкот до преносот ќе биде испратен на сите заинтересирани кои ќе се пријават на следниов ЛИНК.

На настанот предвидено е да има превод на англиски и знаковен јазик.