Неколку стотици студенти синоќа излегоа на протест во Нови Сад со четири барања до властите, најавувајќи радикализација на нивното незадоволство доколку надлежните не им излезат во пресрет.
Откако се собраа на платото пред студентскиот дом „Слободан Бајиќ“, студентите тргнаа во протестен марш, блокирајќи го сообраќајот на една раскрсница и одржувајќи 15-минутен перформанс во кој седеа на асфалтот и читаа книги.
Студентите бараат да останат во студентските домови во текот на целото лето по регуларните цени, на сите студенти во домовите да им се обезбеди бесплатно тестирање за Ковид-19 и бесплатно лекување во случај на зараза, како и посебни испитни рокови за сите студенти кои немале можност да полагаат поради зараза со вирусот или самоизолацијата. Дополнително, студентите побараа и на сите студенти кои се самофинансираат да им се укине школарината за следната година поради економската криза.
„Дојде време со нив да нема компромис, да нема прифаќање. Барањата се јасно формулирани. Барањата се човечки и елементарни. Се обидовме да стапиме во контакт со студентскиот парламент, кој треба да го прави тоа што ние сега го правиме, ама тие тоа не го сакаат, тие не сакаат да разговараат со студентите. Нив не ги интересираат студентите и студентските прашања. Нашите права се загрозени и денеска повеќе не постојам јас, не постојат тие, не постоиш ти, постоиме само ние, бидејќи само ние можеме да се бориме за нашите права. Нашите права се темелот на нашата иднина. Ние не сакаме никој да се игра со нашата иднина“, истакнале организаторите на почетокот на собирот.
Ова беше трет протест на студентите од Нови Сад, чии демонстрации започнаа во чин на солидарност со студентите кои демонстрираа во Белград, по одлуката да бидат затворени студентските домови во српскиот главен град. Од Младинската студентска акција – Нови Сад, соопштија дека протестот ќе продолжи и денес, кога е и последниот ден кој студентите го дадоа за исполнување на нивните барања.