„Не секој е способен да стане во 5 и да патува 3 часа за да решава испит“ – студенти бараат да се отворат домовите

Одлуката на Министерството за образование и наука да не ги отвори студентските домови до крајот на академската година ги налути студентите кои доаѓаат од друг град за да учат.

Студентката А.М. од Берово периодов се подготвува за испитите на Технолошко – Металуршкиот факултет во Скопје, каде се најавени да се полагаат физички.

„Не сме сите од Скопје, немаме сите можност да патуваме преку два дена за Скопје и назад, во време на економска криза. Не секој студент е способен да стане во 5 часот и да патува три часа за да решава задачи на испит“, вели таа.

Пред да се воведе вонредната состојба, студентката престојувала во „Гоце Делчев“, од каде им најавиле дека ќе им ги соопштат датумите кога да се иселат.

Слично мислење има и Константин Мијачески, кој од Прилеп доаѓа да студира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје и престојува во „Гоце Делчев“.

„Па, мислам дека би било добро на неколку денови да се отворат домовите само за да можеме да се иселиме и дека требаше да има некаква координација со факултетите за одлуката за полагање и затворањето на домовите, бидејќи тие што полагаат со присуство нема каде да престојуваат. Ако секаде беа полагањата онлајн, тогаш би било подобро за сите со оглед на ситуацијата да бидат затворени домовите. Инаку, сé уште немаме информации во врска со иселувањата, само се кажа дека до октомври ќе бидат затворени“, вели тој.

На ова се надоврзува и студентката С.Ж. од Кавадарци, која студира на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таа вели дека го прифатиле физичкото полагање, но сега ситуацијата се влошува. Од Деканот добиле зелено светло за да има онлајн полагање, но конечната одлука е оставена на професорите.

„Им се обративме на асистентите, но тие можат само да им го предложат тоа на професорите и мал е процентот да се дојде до решение што е можно побрзо. Само еден предмет го дискутиравме со професорка која се согласи на нашиот предлог, бидејќи навистина, како прво полагањата се рано наутро поголем дел од предметите почнуваат од 08:00 часот. Како ли јас да стигнам кога имаме само две автобуски линии? Ќе се створат гужви во автобусите, или тоа не е ризично за ширење на вирусот? Треба да бидам во Скопје ден пред полагање и каде да се сместам? Премногу е ризично бидејќи најголем дел од заболените се сепак од Скопје, а не сме малку студенти. Но, кој да мисли на тоа освен самите ние? Сега сме оставени самите на себе“, смета таа.

Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје најавија дека следната Ректорска управа ќе поднесат барање за продолжување на сите рокови за запишување на семестарот, полагање на испитите и флексибилност при уписот на условните предмети.

За студентите кои студираат надвор од местото на живеење, тие бараат ваучерите за сместување и партиципација да се реализираат што побрзо. Дополнително, побарале ваучери за превоз за студентите кои студираат надвор од местото на живеење.

„Во врска со испитната сесија сите информации можете да ги добиете од вашите колеги во факултетските студентски собранија. Согласно моменталните важечки прописи, испитите можат да се организираат и со физичко присуство и онлајн. Автономија во однос на ова прашање имаат професорите, кои заедно со студентите треба да го изнајдат најсоодветниот начин за реализирање на испитот“, велат од УСС-УКИМ.

Апел упати и студентскиот правобранител на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, Бојан Петровски. Според него, во оваа ситуација студентите кои престојуваат во студентските домови не се ставени во еднаква положба со останатите, и како што напомена, се дискриминирани.

„Поради оваа непосакувана состојба, предлагам да се отворат студентските домови, и истите да работат во текот на сесиите, поконкренто, во текот на целото лето. При отворањето на истите, да се спроведат сите неопходни мерки за заштита, со што би се чувствувале сигурно и студентите, и вработените во домовите“, смета тој.

„Во „екот на пандемијата“, во месец април, како и во цел изминат период, иако „се спроведуваа мерките за заштита од Ковид-19“, секој човек можеше да посведочи дека парковите, улиците и јавните површини се полни со луѓе, кои не држат растојание, кои не носат маски итн. Па се прашувам, дали е дозволиво тоа да не биде спречено, а студентите да не можат да полагаат бидејќи не живеат во градот во кој се наоѓа нивниот факултет?“, стои во апелот на Петровски.

Токму објаснувањето на МОН гласи дека причина за тоа е зголемената концентрација на луѓе што може да настане во овие инфраструктурни услови, а тоа повлекува и ризик да се прошири коронавирусот.

МОН: Студентите да користат друго сместување, домовите нема да се отворат до крајот на академската година

Емилија Петреска