„Не се откажуваме“ – Иницијативата „5 до 12“ утре повторно пред Собрание

Иницијативата „5 до 12“, која се бори за унапредување на правата на лицата со посебни потреби најавија собир пред Собранието на Северна Македонија утре (20-ти април) на пладне, на кој ќе одбележат две години од првиот камп кој го организираа пред законодавниот дом.

Од Иницијативата посочуваат дека ќе одржат пресконференција на која ќе порачаат дека не се откажуваат додека не се исполнат нивните барања:

„Ги повикуваме сите родители, сите лица со посебни потреби и сите оние кои до сега официјално не се приклучија кон 5до12, да пристапат и да ни се приклучат, затоа што борбата која ја водиме не засега сите. Нашата мисија и нашата цел не обединуваат без разлика на пол, боја, вера или религија. Затоа, единствено и само во интерес на нашите деца, ги оставаме на страна политичките и партиските определби и уште еднаш потврдуваме дека не отстапуваме се до конечна реализација на нашите барања. Покажавме дека знаеме, можеме и умееме сами да се организираме и да се мобилизираме, и да дејствуваме во интерес во интерес на сите следни генерации. Секако ќе продолжиме го правиме тоа и понатаму“, потенцираа организаторите.

Иницијативата „5 до 12“ првиот камп во кој престојуваа лица со посебни потреби и нивните семејства во паркот спроти Собранието го постави на 20 април 2017 година. Се работеше за здружена акција на повеќе организации, претежно од Штип, но и од Скопје кои, револтирани од односот на државата кон оваа категорија граѓани, решија да го привлечат вниманието и јасно да ги претстават нивните барања на јавноста и институциите.

[Галерија] „Што после нас?“ – родители и деца со посебни потреби кампуваат пред Собрание