„Не само една година, ќе останеме целосно во тишина“ – протест на организаторите на јавни настани

Кутии со опрема за поставување сцени денеска беа распространети долж булеварот „Илинден“ пред Владата, како потсетување дека помина една година од забраната за организирање јавни настани.

Компаниите задолжени за организирање јавни настани одржаа протест преку кој побараа итен разговор со надлежните.

„Деновиве е зголемен бројот на ковид заболени што значи дека оваа индустрија уште долго не ќе може да почне со работа. Како одговорни граѓани и компании сметаме дека е неумесно да бараме одржување јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не ѝ создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор, освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор“, рече Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП).

Таа истакна дека досега ништо не било испочитувано од она што го побарале. Со последниот пакет мерки, Владата најави дека се обезбедени средства за секторот организирање настани, но според Бабиќ, овие мерки не се доволно јасни.

„Не само една година во тишина, ќе останеме целосно во тишина“, рече таа, посочувајќи дека падот на приходите во ивент индустријата е повеќе од 60 отсто.

Асоцијацијата која го организираше денешниот протест брои 40 членови – од организатори н настани, техничка поддршка, па до видео и аудио продукции.