„Не постои создавач на универзумот и нема рај и пекол“, заклучува Стивен Хокинг во последната книга

Не постои Бог, постојат вонземјани, а патувањето низ времето можеби е возможно, напишал физичарот и професор Стивен Хокинг пред неговата смрт.

„Никој не го создал универзумот и никој не ја одредува нашата судбина. Ова ме води до длабока промисла: веројатно нема рај ниту задгробен живот. Мислам дека верувањето во живот по смртта е само убава желба“, пишува Хокинг во својата последна книга „Кратки одговори на големите прашања“.

Во кингата, која беше објавена вчера, теоретичарот по физика кој почина во март, на 76-годишна возраст, пишува и дека „Не постои Бог. Никој не го контролира универзумот“.

„Со векови се верувало дека хендикепираните лица како мене живеат со клетва направена од Бог. Сакам да верувам дека сè може да биде објаснето на друг начин, преку законите на природата“.

Универзитетскиот професор од Кембриџ поголемиот дел од својот живот го помина со Амитрофична латерална склероза, ретка болест на невролошкиот систем, поради која комуницираше само преку компјутер и која го принуди да се движи со инвалидска количка.

На темата за вонземјански живот, тој пишува: „Постојат форми на интелигентен живот таму некаде. Мораме да бидеме претпазливи при одговорот, сè додека не се развиеме уште малку“.

Тој е еднакво оптимистичен и во врска со патувањето низ времето и телепортирањето.

„Патувањето назад во времето не може да биде отфрлено според нашите сегашни разбирања. Во следните сто години ќе можеме да патуваме насекаде во Соларниот Систем“, вели Хокинг.

Сепак, она што кај него предизвикувало голема загриженост е иднината на науката и образованието, особено во околности на политичка нестабилност која последниве години го тресе Западот.

„Со Брегзит и Трамп, кои претставуваат нови сили во однос на имиграцијата и развојот на образованието, сведоци сме на глобален револт кон експертите, што ги вклучува и научниците“, вели Хокинг и додава: „Што лежи пред оние кои денеска се млади? Можам самоуверено да кажам дека нивната иднина ќе зависи многу повеќе од науката и технологијата, од било која генерација пред нив“.

Говорејќи за креирање на иднината, тој, во последното поглавје од книгата, ги советува младите читатели:

„Запомнете да гледате нагоре, во ѕвездите, а не надолу, во вашите стапала“.

Професорот Хокинг е првиот што ја постави теоријата за универзумот како збир на релативитетот и квантната механика. Преку својата работа со математичар Сер Роџер Пенроус тој покажа дека општата теорија на релативноста на Ајнштајн имплицира дека просторот и времето би имале почеток во Биг Бенг, а крај во црните дупки.

Тој, исто така, откри дека од црните дупки излегува енергија и исчезнува во празно – феномен кој подоцна ќе биде наречен Хокинг зрачење.