Не опаѓа бројот на сообраќајки со тешки последици за деца и младинци

Веќе години наназад репризно се повторуваат бројките за сообраќајни незгоди со тешки последици во кои страдаат деца и млади. Тоа повторно важи и за изминатава година – 9 деца на возраст до 4 години го загубија животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од 5 до 18 години.

„Вкупно 22 деца, еден клас ученици, се неповратно  изгубени за само една година. Загубите за општеството се огромни, а душевната болка и страдањата на нивните блиски неизмерливи и неопишлив“, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП).

Од таму велат дека почетокот на учебната годна е период кога се почесто се гледа сликата на гужви и сообраќаен метеж на патиштата, а децата секојдневно ќе бидат учесници во сообраќајот и ќе бидат изложени на потенцијални ризици и опасности  кои би ја загрозиле нивната безбедност и здравје.

„Секое нерационално однесување во сообраќајот, секое агресивно управување со возилото и секое невнимателно учество во сообраќајот се дејствија кои ја загрозуват безбедноста на децата во сообраќајот.Поразителен е податокот во кој се наведува дека на светско ниво, речиси 500 деца секој ден го губат својот живот во сообраќајни незгоди“, велат од РСБСП.

Оттука, Советот повторно апелира да  се разбуди свеста кај секој учесник во сообраќајот, да учествува одговорно и внимателно, со цел  да се заштитат децата од повреди и загуби во сообраќајот. Посебно апелираат до родителите да бидат позитивен пример за нивните деца во сообраќајот.

„Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, а особено почитувајте го ограничувањето на брзината на движење со возилото. Вашето брзање може некому да наштети. Врзете се со безбедносен појас, Вие и Вашето дете, тоа може да Ви го спаси животот. Личната одговорност, личниот придонес и личниот пример на секој учесник во сообраќајот  во голема мера влијае на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. при управување со возилото покрај училиште или градинка, бидете особено внимателни, бидејќи децата немаат ’кочници’. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи е прашање на  личното  воспитување и на личниот морал, култура и етика. Секој треба да имплементира практики за побезбеден сообраќај на патиштата“, апелираат од РСБСП.