„Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“ – започнува петто издание на „КРИК“ – фестивал за критичка култура

Со утрешното предавање на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо почнува годинешното петто издание на КРИК – фестивал на критичка култура во организација на Контрапункт.

Предавањето насловено „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“ ќе се одржи онлајн, со почеток од 19 часот, на Фејсбук страницата на фестивалот. Ова е прво од серијата предавања кои ќе се одржуваат во текот на овој месец, на кои ќе се претстават теоретичарите Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.

Франко „Бифо“ Берарди (1949) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 1970-тите, кое го славело капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во пост-индустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесетина публикувани книги, како и голем број есеи и говори.

Моментално работи за списанието „Дериве Апрододи“, и предава социјална историја на комуникација на „Accademia di belle Arti “ Милано. Тој е ко-основач на е-магазинот rekombinant.org, на telestreet движењето и на каналот Орфео ТВ. Берарди живее и работи во Болоња.

Постерот за петтото издание на „КРИК“

„Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК – фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување на критичка култура. Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Реалната и масовна закана од една болест ничкум ги преврте нашите досегашни императиви за мобилност, за општествена интеракција, за размена на вредности. Овојпат, светот дистопично „крикнува“ и вели дека е крајно време за нови прадигми, за престукрирање, превреднување и поставување на радикално поинакви културни и политички смерници. И покрај тоа што КРИК – фестивал за критичка култура е длабоко вкотвен во агората, сепак, ќе се обидеме во условите кои се зададени и понатаму да ги истражуваме заеднички формати преку кои ќе отвораме прашање и ќе се обидеме да дадеме барем некои одговори за темите ни беа зададени за овогодинешното, петто, јубилјено изданије, а кои сѐ уште ни се чинат актуелни. Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот “, велат програмските уредници на фестивалот Искра Гешоска и Артан Садику.

Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на фестивалот, „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“  – кој директно произлегува од книгата која се очекува во печат на Контрапункт, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година, „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од филозофот Мартин Хеглунд.