„Нè лажете со години“ – Село во БиХ забрани влез на политичари пред изборите

„Нè лажете со години. Ниту една партија не е добредојдена“, стои на голем транспарент на плоштадот во селото Подгора во Босна и Херцеговина, во пресрет на општите избори во државата кои треба да се одржат во недела.

Селото со 700 жители се наоѓа недалеку од Сараево и го отсликува општото незадоволство од политичарите. Во земјата, помалку од 20 проценти од граѓаните има доверба во нив, според едно од последните истражувања на Друштвото на новинари на БиХ.

Од крајот на војната во БиХ, која траеше од 1992 до 1995 година и која однесе 100 илјади човечки животи, мештаните велат дека властите ги заборавиле. Некои куќи никогаш не се обновени. Во селото некогаш живееле и Срби и Бошњаци. Првите се иселиле. Собрани сред село, луѓето објаснуваат дека во Подгора недостасува сè.

„Ние самите ги менуваме сијалиците од јавното осветлување. Немаме ниту еден контејнер за ѓубре, немаме автобус, водоснабдителниот систем ни е изграден пред војната со цевки од цемент и азбест“, набројува 47-годишниот невработен работник Ади Силајџиќ, кој издржува семејство.

„Толку пати ветија дека ќе ги асфалтираат улиците што асфалтот требаше да биде дебел барем еден метар. Доста ни е!“, изјавил 56-годишниот пензионер Осман Хашиќ.

Мала е веројатноста жителите на Подгора да излезат на изборите, а најголем показател за нивниот став е тоа што повеќе партиски активисти, кои не верувале дека жителите се сериозни, поставиле рекламни плакати низ селото, кои многу брзо биле искинати.

Во БиХ повеќе од третина од населението официјално е невработено. По невладината организација Унија за одржливо враќање, 170 илјади Босанци заминале од земјата од пописот во 2013 година, кога БиХ имала 3,5 милиони жители.