Не го обвинувај индивидуалецот, тој е само заробен во расипан систем

Граѓаните мора да се стремат кон системски промена во спротивно ниедна индивидуална борба која спасува поединци нема да биде доволна, пишува Сандра Анастасовска, програмски координатор во МОФ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Не го обвинувај индивидуалецот, тој е само заробен во расипан систем

Се работи за индивидуална свест и за начинот на кој го креираме нашиот став, како често може да нè понесе толпата во погрешна насока, како може да донесеме погрешен заклучок без да ја знаеме вистинита, поради тоа што вистината во денешно време тешко може да се најде.

Кога трга погрешно работата? Кога несвесно сме вклопени во систем на погрешно воспитување, почнувајќи од некој што те учи кои другарчиња да ги сакаш во градинка, а до кој да не седиш во клупа, кога таксистот ти вели дека може да ти даде фискална сметка на поголема сума во случај да сакаш да прикажеш повеќе трошоци, кога зборот пропаганда се користи наместо кампања или маркетинг стратегија.

Многу пополека и стихијно се создадоа граѓани кои се водени само од желбата за личен бенефит, игноранти кон оние врз кои е нанесена неправда, задоволни со себе дека ја избегнале таа судбина, во најлош случај спијат мирно, иако на некого му го промениле животот на полошо.

Постојат неколку клучни постулати кои го потврдуваат системот во кој живееме.

Медиумите не постојат ни за публиката ни за вистината. Во медиумите сè помалку се застапени потребите на публиката, а тие треба да нивна бидат почетна и финална цел. Публиката е во овој случај народот, кој сака преку медиумите да го зацврсти својот идентитет, да го слушне тоа што го гледа, слуша и чита. Во Македонија постојат различни групи и идентитетите, многу од нив не можат да го добијат медиумското внимание и да го пласираат својот став во јавност, па поради тоа создаваат свои паралелни медиуми и платформи на комуникација.

Пласирање на селективните информации и фаворизирани групи во медиумите зборува за затвореноста на општеството, за постоење на групи кои може да ги забележиш надвор на улица, но не и во медиумскиот простор, за паралелни медиуми на различни етнички заедници, за паралелни општества, раслоени на многу групи, секоја се гледа себе како маргинализирана во присуство на другите.

Образованието не креира граѓани кои сакаат да ја подобрат својата заедница. Исклучени од дневно политичките настани, младите во своето формално образование никогаш не посетиле институција, не одржале говор или презентација, своето образование им е најзначајно за да се пласираат на високо место на пазарот на трудот. Но, тука е недостатокот во креирање на општествено свесни граѓани. Во Младински образовен форум оваа недела доаѓаат средношколци од Италија на кои училиштето им дава средства за „научна екскурзија“, а тие одбрале да ја посетат дебатната организација во Македонија и да научат да дебатираат. Искуството потоа треба да го пренесат во својата заедница.

Едноставно е, образовните институции креираат курикулум кој создава свест кај младите луѓе за подобрување на својата локална заедница, целта на училиштето е да продуцира активни граѓани во општеството.

Демократијата не може да успее ако оние кои го изразуваат нивниот избор не се подготвени да избираат мудро. Вистинскиот чувар на демократијата е образованието, кажал Френклин Рузвелт. Народот го прави својот избор врз информациите и фактите кои му се пласираат, доколку тука ја нема слободата на изразување и вистината, народот може да прерасне во толпа која слепо ги следи случувањата кои ја опкружуваат, но која располага со моќ да избере, каде изборот ќе биде производ на машинериите на системот, тој нема да биде ни мудроста ни волјата на народот.

Но, треба да внимаваме, секогаш кога ќе осудиме некој според неговата постапка, кога ќе го осудиме корумпираниот државен службеник кој земал мито, кога ќе го осудиме христијанинот кој нема толеранција кон други религии, кога учителот во училиште ќе фаворизира одредена етничка група, најверојатно таа на која припаѓа. Треба да бидеме свесни дека некој од некого учи и одговорности треба да бараме многу погоре од индивидуалецот, одговорности се бараат сè до врвот на оние кои го создаваат системот.

Расипаниот систем создава расипани граѓани.

Товарот на свесните маж и жена во ова општество е голем тој/таа треба да реагира на неправдите кои се случуваат, да го пласира критичкото размислување кое недостасува, да биде солидарен/на со маргинализираните групи. Тие мора да се борат најмногу поради тоа што веќе местата за социјално исклучените и маргинализираните групи припаѓаат на нашите најблиски, тие луѓе се во нашето соседство, тие луѓе често сме и ние самите.

Но, граѓаните мора да се стремат кон системски промена во спротивно ниедна индивидуална борба која спасува поединци нема да биде доволна. Едноставно луѓето си заминуваат, доаѓаат нови генерации, политичките партии на власт ќе се менуваат, а тука сè уште ќе постои расипан систем кој создава расипани граѓани.