„Не давимо Београд“ за Радио МОФ: Граѓаните се изложени на штетното влијание од загадувањето и препуштени сами на себе

Изминатите неколку денови во Белград, но и во останатите градови во Србија, воздухот е екстремно загаден, а поради тоа иницијативата „Не давимо Београд“ од 18 часот, денеска (17 јануари) организираат протест за чист воздух.

Концентрацијата на „ПМ 10“ и „ПМ 2.5“ честичките, велат од „Не давимо Београд“ за Радио МОФ, повеќекратно ја надминува дозволената граница, додавајќи дека на штетното влијание од загадувањето се изложени сите граѓани, но се препуштени сами на себе, без никаква рационална реакција на властите.

„Овој протест го организираме затоа што сакаме да живееме во здраво опкружување. Да дишеме чист воздух, но и затоа што од Владата на Србија, како и од институциите на кои им е доверена обврската да го штитат здравјето на граѓаните, не постои адекватна реакција во ситуација кога состојбата со квалитетот на воздухот бара прогласување на вонредна состојба. Исто така, цел ни е на таков начин, информациите за вистинската состојба на работите дојдат до што поголем број граѓани, кои пред се’ имаат човеково право да бидат информирани за штетноста на изложувањето на толку загаден воздух“, ни изјавија од „Не давимо Београд“.

Државните медиуми, велат тие, кои треба да бидат во служба на граѓаните, не покажале професионален пристап во навремено и вистинито известување на јавноста по ова прашање.

Од иницијативата додаваат дека властите реагирале по нивниот притисок и притисокот на граѓаните. Исто така, била свикана итна седница на српската влада, но тврдат дека ништо од конкретните мерки не било преземено, за да се заштитат граѓаните.

„Претставниците на власта, како што е министерот за здравство, дури велат и дека загадувањето на воздухот не може да предизвика сериозни здравствени проблеми. А претседателот Вучиќ во ноември изјави дека проблемот со загадувањето кај нас е присутен само ден или два годишно. Меѓутоа, наспроти неговите тврдења, има официјални податоци за 2018 година кои укажуваат на тоа дека концентрацијата на ПМ 10 честички била над дозволените граници во Ваљево 170 денови, 154 дена во Ужице, 146 дена во Смедерево, 132 дена во Белград и 118 дена во Сремска Митровица“, велат од „Не давимо Београд“

Нивните барања, кои биле објавени на претходниот протест поради загадувањето на воздухот, минатата есен, се однесуваат на краткорочни и долгорочни мерки.

„Краткорочните мерки се однесуваат на активности кои треба да се преземат за заштита на граѓаните во деновите кога загадувањето на воздухот е екстремно високо. Потоа, точно и објективно информирање на граѓаните за состојбата на воздухот, до посебна заштита на најзагрозените и најосетливи категории на населението – деца, стари луѓе, трудници, хронично болни итн“, објаснуваат од иницијативата.

Долгорочните мерки пак, објаснуваат тие, се насочени кон трајно и темелно подобрување на квалитетот на воздухот и подобрување на животната средина.

„Се однесуваат на преминот од фосилни горива на обновливи извори на енергија, зголемување на гасификацијата и топлификација на градот и намалување на индивидуалните ложишта. Овие мерки, исто така укажуваат и на подобра контрола на загадувачите и преместување на индивидуални загадувачи од станбени (урбани) во индустриски зони, радикално подобрување на јавниот превоз и намалување на автомобилскиот сообраќај, обезбедување услови за одржливи начини на транспорт, како што е велосипедизмот“, потенцираат од иницијативата.

Но, покрај ова, велат тие, мерките предвидуваат и напуштање на сите штетни проекти што дополнително ќе го загадат воздухот во градовите, како што е изградбата на инценераторот на Винча.

Тие ги повикаа организациите и поединците, на 29 јануари заедно со Граѓанскиот фронт да организираат заеднички „Марш за чист воздух“ ширум Србија, а напоменаа дека потоа планираат да организираат балкански марш за чист воздух, со како што велат, нашите пријатели од Скопје, Сараево, Подгорица и други градови на Западен Балкан.

Мартин Колоски