Навредувањето и исмевањето се најчести форми на насилство во средните училишта, покажа анализа на Меѓаши

Навредувањето и исмевањето, уништувањето на училишниот инвентар и тепачките се најчести форми на насилство во средните училишта, покажа анализата на Првата детска амбасада Меѓаши врз основа на истражување спроведено во девет средни училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар, минатата година во ноември и декември.

Цел на анализата е да се согледаат ефектите од имплементацијата на Програмата за мировно образование, која се спроведува девет години во над 20 воспитно образовни установи во државата од кои повеќето се средни училишта и подразбира мрежа од над 200 наставнички и наставници вклучени во различни обуки за зајакнување на нивните капацитети, кои реализираат голем број активности во училиштата.

Во неа се забележува дека низ училиштата се уште постои негативна клима, а уништувањето инвентар покажува дека учениците се „полни“ со фрустрации.

„Образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора да се изрази преку демолирање на предмети“, нотира анализата.

На трето место се тепачките меѓу учениците, но нема значајна разлика во однос на состав и локација на училиштата, а најмногу се случуваат во училишниот двор заради помала видливост од страна на  возрасните.

„Навредувањето на линија наставник – ученик и ученик – наставник е на четврто и петто  место на листата. Наставниците во своите едукации не стекнуваат свесност и  вештини за справување со лутина и разрешување на конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и  средината, често пати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем“, покажала анализата.

Како причини за насилно однесување помеѓу учениците,  најчесто се наведуваат провокациите (61%), омразата или одмаздата (60%), одбраната на другар/ка (46%), љубомората (43%), лошото друштво (43%) и самоодбрана (41%). Нема значајни разлики во однос на средината.

Како мерки за подобрување на разбирањето помеѓу учениците од различни етнички заедници учениците навеле: воведувањето заеднички часови, работилници, проекти и активности, додека како мерки за намалување на насилството во сите 3 истражувња се нагласува младинското учество, клубови, праламент  и сл. (со над 80 % одговори).

Од Меѓаши велат дека се забележува тренд на зголемување на прифаќањето на оправданоста на решавањето на проблемите во општеството преку насилство.

„Овој наод соодветствува со социјалната реалност во земјава, бидејќи последнава деценија во јавното мислење присутна е перцепцијата за неказнивост на насилствата што, од своја страна, дава порака дека нема други механизми за решавање на конфликтитие, освен со насилство. Училиштата не се доволно препознаени од учениците како места на кои можат да побараат помош во случај на изложеност на насилство: никогаш не се обраќаат на директорот на училиштето (62%), нешто помалку на друг наставник (50%), на педагог/психолог (42%), класен раководител (34%), соученик (31%). За крај охрабрувачки податок дека над 60 % од испитаните наставници проценувата дека насилството е намалено во 2019г. во однос на 2011та и 2012та година“, велат од Меѓаши.

Претставниците на програмата „Мировно образование“ при Меѓаши сметаат дека uчилиштата се клучни институции/средини каде учениците од различни етнички заедници се среќаваат и комуницираат.

„Наставниот кадар во голем дел нема едукација на овие теми, односно недостасуваат воспитни модели. Наставниот процес премногу се фокусира на фактографија, мерење на незнаењето на податоци, што како практика се  напушта во западниот свет, а многу малку со учениците се  работи на ефикасна комункација, личен раст и развој, позитивна клима и сл.“, велат од Програмаta.

На денешната прес-конференција на која беше промовирана анализата се обратија Ана Попризова – психолог и надворешна соработничка на Меѓаши, Џевит Мифтароски – професор во гимназијата ,,28 Ноември“, Дебар, Валентина Штерјовска професорка во гимназијата ,,Гостивар“, Насер Мифтари професор во гимназијата ,,Зеф Луш Марку“ Скопје и Драги Змијанац –претседател на Меѓаши.