Навреди кон новинари на протестот против новите анти ковид мерки, ЗНМ бара поголема безбедност од МВР

Здружението на новинари на Македонија бара од Министерството за внатрешни работи гарантирање на безбедноста на присутните новинари, фоторепортери и сниматели, на протестите кои се одржуваат против новите анти ковид мерки.

Поточно на вчерашниот протест, биле упатени вулгарни пораки и груби навреди кон новинарите, а на тој начин индиректно ја загрозиле безбедноста на новинарите и снимателите присутни да го проследат овој настан, реагираат од ЗНМ.

„Анонимните говорници на овој протест не само што самите преку својот говор ја загрозија безбедноста на медиумските работници тие дополнително ја поттикнаа и присутната толпа да учествува во омаловажувањето новинарите“, велат од здружението.

Оттаму посочуваат дека нарушување на нивната безбедност од јавни настани го ускратува и правото на граѓаните да бидат информирани.

„Слободата на говор и правото на протест е загарантирано право и уставна категорија, меѓутоа кога со злоупотребата на овие права се загрозува безбедноста и животот на другите, во случајов новинарите, бараме итна превентивна реакција на институциите. Говорот на омраза кон одредена група може да поттикне насилство од омраза за кое кривичниот законик предвидува поголеми затворски казни. Исто така, новинарите кои се службено присутни на јавни протести со цел истите да ги проследат таму се на работна задача во интерес на јавноста и правото на информирање“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Новите анти ковид мерки кои стапуваат на сила од денеска предизвикаа бурни реакции во јавноста. Според организаторите на протестите во Скопје и Битола, на овој начин се скратуваат правото на слобода, слободно движење, приватност, слобода на мисла и мирно собирање.