Навики кои треба да ги задржиме и по завршувањето на коронавирусот

Патување со авион само кога е неопходно, одговорно пазарење и поддршка на локалните земјоделци се дел од навиките кои теба да се задржат и по епидемијата на Ковид-19 коронавирусот. Нив ги илустрираше уметникот Зоран Кардула како дел од неговата серија постери за покревање на јавната свест за коронавирусот.

Со него се согласуваат и од скопскиот огранок на „Fridays for future“ од каде велат дека Ковид-19 е лекција за човечката цивилизација.

„Ако целта ни е долгорочен опстанок, мораме да се справиме и со заканите кои ќе бидат тука и по завршувањето на пандемијата. Мораме да ја научиме лекцијата и да го промениме пристапот кон колективното добро“, сметаат од движењето.

Младите активисти за климатска акција, Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа неодамна објавија анализа за врската помеѓу климатските промени и инфективните заболувања во која нагласуваат дека причините и ефектите од климатската криза поттикнуваат ширење на заразни болести.

„Индустријализацијата на земјоделието, изградбата на брани и канали, урбанизацијата, уништувањето на шумите, затоплувањето на океаните, затоплувањето на атмосферата, зголемените врнежи од дожд и екстремните временски непогоди се сите одговорни за зголемено размножување и движење на животните што носат патогени микроорганизми, како и за зголемување на нивната отпорност на разни заболувања“, напишаа тие во својата анализа.

 

Нивоата на загадување и стакленичките гасови во некои градови и региони покажуваат значителен пад откако појавата на новиот коронавирус влијаеше на работата и патувањето, пишува Би-би-си.

Емисиите на јаглерод моноксид од автомобилите e намален за речиси 50 отсто, споредено со минатата година во Њујорк, на пример. Емисиите на јаглерод диоксид, исто така, бележат нагло опаѓање.

„Светот силно реагира на кризата од Коронавирусот и сведоци сме на различни нивоа на страв и паника низ целиот свет. Многу од преземените екстремни мерки и нивоата на загриженост се разбирливи, но и неопходни за побрзо да се вратиме во нормален тек на живеење. Сепак, за да избегнеме повеќе состојби како пандемијата COVID-19 или уште полоши, треба да започнеме вистински да паничиме за климатската криза“, нагласуваат Гетова и Ди Фаруџиа.

Вчера пристигна и веста дека водите во каналите во Венеција за првпат е чиста после долги години. Изолацијата поради коронавирусот довела до намалување на загадувањето кое се создаваше со дизел бротчињата и автобусите на вода.

„Сега имаме шанса повторно да ги спознаеме реалните вредности, да ги сфатиме последиците од нашите секојдневни активности и да се поврземе со природата која нè одржува во живот“, велат од „Fridays for future“.

Е.П.