„Наука за деца“ – нова платформа со научни содржини

Образовни видеа кои илустрираат научни и математички концепти и активности за аналитичко размислување и научно истражување, од кои најголем дел се домашни експерименти, е дел од она што моментално може да се најде на веб-страницата на новата волонтерска иницијатива „Наука за деца“ (НЗД) чија цел е да се зголеми и промовира научната писменост во Македонија.

Идејата за ваква платформа се создала сосема случајно, кога групата од десеттина луѓе која стои позади иницијативата, се „склопила“ преку заеднички соработници и пријатели, во време на, како што велат, „коронавирус, со малку повеќе слободно време од обично“. Сите со идеја да се направи „нешто“ за науката во Македонија, бидејќи, како што објаснуваат, дигиталното образование нагло станало неопходно, тие заклучиле дека тоа „нешто“ треба да биде дигитални научни ресурси за деца.

На веб-страницата се наоѓаат видеата од „Fuse School“, создадени од една британска добротворна организација, а од иницијативата додаваат дека ваквите видеа совршено одговараат на Кембриџ наставната програма која се применува во нашата држава, бидејќи тие се планирани за британските образовни програми.

„На naukazadeca.mk, видеата се преведени или синхронизирани на македонски јазик и дополнети со прашања со кои учениците можат да проверат дали го разбрале објаснувaњето. Има и можност секој да постави прашање кое може да биде поставено на сајтот откако ќе биде одобрено од научник“, објаснуваат од „Наука за деца“

Домашните експерименти пак, како што велат, се безбедни и лесни за изведба со материјали кои лесно можат да се набават.

„Овие експерименти се забавни сами по себе и надополнети се со едноставно објаснување кое може да го разберат и деца од предшколска возраст. Потоа експериментите ги користиме како појдовна точка за покомплексни објаснувања и за разгледување на важни научни концепти, како силите помеѓу молекулите на водата или Њутновите закони“, посочуваат од иницијативата.

На веб-страницата се објавуваат и видеа испратени од корисниците, кои содржат научни експерименти или објаснувања, односно, забавни видеа објаснети на едноставен начин кои се прегледани и одобрени од тимот научници.

Видеа испратени од корисниците

Достапните ресурси можат да помогнат во развивање на самостојното учење, фамилијарното учење и учење преку експерименти, а за адаптираните видеа, од иницијативата потенцираат дека се дигитални ресурси кои може да се користат на училиште како дел од наставната единица кои ќе им се достапни на учениците и по завршувањето на часот.

„Бидејќи учениците се навикнати на следење содржини во видео формат, мини видео лекции се одлично надополнување на учебниците и можат да направат самостојното учење дома да биде поефикасно“, порачуваат од иницијативата.

Од иницијативата заклучуваат дека во македонскиот образовен систем недостасуваат експерименти, додавајќи дека, иако тие се вклучени во образовните програми, многу често не се изведуваат во училиштата, поради недостиг на ресурси и време.

„Од овој аспект нудиме сегмент плус, затоа што предложуваме експерименти кои се особено лесни за изведба. Исто така, во класичните училишни програми експериментите се користат како илустрација за веќе научени концепти“, велат тие.

Пристапот на иницијативата пак, е обратен, односно, почнуваат со експеримент, а потоа објаснувањата ги создаваат околу неговото набљудување. Идејата за ваквиот пристап, посочуваат оттаму, е дека детето треба да го искуси научниот феномен, а потоа да се обиде и да го разбере.

Експерименти за изработка и други активности

Работата на иницијативата, односно нејзиното јадро кое ја координира работата на веб-страницата, вклучува научници и инженери кои работат од странство и наставници и професори кои работат во Македонија. Една од должностите се однесува на координацијата на преводот и синхронизацијата на образовните видеа.

„Видеата од Fuse school ги преведуваат наставници од невладината организација Диг-Ед во согласност со терминологијата на нашите наставни програми, потоа ги прегледуват научниците од Наука за деца кои ги праќаат преведените видеа на синхронизација и обработка кај ОХО продукција“, велат од „Наука за деца“.

Некои од волонтерите ги прегледуваат преводите, додека други се посветени на процесот и комуникација меѓу партнерите да функционира без застој и грешки.

Сите достапни експерименти се напишани и илустрирани од волонтерите, а бидејќи, како што велат, има многу малку научни ресурси достапни на македонски јазик, тие се осигураат дека објаснувањата се доволни за комплетно разбирање на науката позади некој експеримент, поради, како што додаваат, „не можеме да сметаме на тоа дека соодветни информации може да се најдат и на други страни“.

„Една од волонтерките е одговорна за #НаукаЗаДеца, секцијата на сајтот каде ги објавуваме експериментите направени од читатели, а волонтер исто така ја дизајнира и одржува веб страната. Секој од волонтерите и волонтерките придонесува со својата експертиза и ги развива своите идеи. А секогаш сме во потрага по нови идеи и експерименти, по разноликост, по интересни стратегии за комуникација и промоција. Затоа ги повикуваме читателите кои сакаат да се приклучат на оваа иницијатива да нѐ контактираат, пишете ни за вашите идеи, или помогнете ни да ги развиеме нашите, за заедно да ги инспирираме најмладите“, порачуваат од „Наука за деца“.

Содржини по информатика се следното нешто на кое работат од иницијативата, а исто така во план е да се создаде и плеј-листа на преведени научни видеа од научни и образовни канали.

„Нешто што се надеваме ќе го реализирае наскоро е YouTube канал за наука на дијалект, со кој ќе ја извадиме науката од елитистичкиот контекст во кој често се наоѓа, а истовремено ќе ја промовираме разноликоста и убавината на македонскиот јазик. Би сакале и да создаваме или преведуваме повеќе интерактивни дигитални содржини, во стилот на ‘explorable explanations’ – објаснувања во кои читателот може да игра, истражува или да ги менува параметрите. Сакаме нашите содржини да бидат достапни и на Албански јазик, за што ни се потребни волонтери кои би можеле да пишуваат и преведуваат содржини“, посочуваат од иницијативата.

Нивната порака до родителите е дека доколку ги научат своите деца на научно размислување и истражување, тие им отвораат еден цел нов свет кој ќе им служи цел живот и ќе ги забавува.

„Една од целите на Наука за деца е да помогнеме во овој процес на научно описменување со тоа што обезбедуваме подлога за забавно истражување во домашни услови. Нашите ресурси се замислени со идеја да се негува љубопитноста на децата и да се изострува нивниот истражувачки дух“, посочуваат од иницијативата.

Мартин Колоски