Првиот закон на термодинамиката во својата суштина го претставува принципот на зачувување на енергијата. Тој тврди дека топлинската енергија внесена во еден систем (Q) се троши на зголемување на неговата внатрешна енергија (ΔU) и на работата што системот ја врши кон околината (W), што математички се изразува со равенката Q = ΔU + W. Крајниот заклучок е јасен: енергијата не може ниту да се создаде, ниту да се уништи, туку само да се трансформира од еден облик во друг.
Воден од ова знаење и од желбата да направи нешто корисно за планетата, Лоренс Кембел-Кук во 2009 година ја основал компанијата Pavegen Systems и развил иновативно решение што во тој момент звучело како научна фантастика – кинетички плочки со димензии 45 × 60 сантиметри, кои произведуваат електрична енергија со секој чекор.
Горната површина на плочките е направена од рециклирана гума, а во аглите е вграден систем за притисок кој ја зголемува ефикасноста на фаќањето на механичката енергија. Кога некој ќе помине преку нив, површината благо се спушта, а вертикалното движење веднаш се претвора во ротациона, а потоа и во електрична енергија преку електромагнетен генератор.
Два чекора можат да создадат доволно енергија за, по складирање, да напојуваат ЛЕД-светилка околу една минута. Бидејќи плочките се наменети за локации со голема фреквенција на луѓе – аеродроми, метро-станици и трговски центри – тие можат да произведат и доволно енергија за полнење мобилен телефон.
Денес, вакви плочки се инсталирани во речиси 40 земји на повеќе од 100 проекти, меѓу кои и аеродромот Зајед во Абу Даби. Иако цената од околу 350 долари по плочка сè уште е висока, визијата на Кембел-Кук е во иднина тие да станат дел од паметни градови и да се користат во училишта, болници и јавни простори.
Извор: NG / Фото: Youtube screenshot/ CNBC International Live



