Научниците претвориле мозочни сигнали во пишан текст

Лекари ги претворија мозочните сигнали за говор во пишани реченици. Ова научно откритие е дел од истражувачки проект кој има за цел во иднина да им овозможи комуникација на пациентите со тешка попреченост.

Ова е прв случај во кој практично бил демонстриран начинот на кој намерата да се кажат одредени зборови може да се извлече од мозочната активност и да се претвори во текст доволно брзо за да одржи чекор со природниот разговор.

Во сегашната форма, софтверот работи само за одредени реченици за кои е обучен, но научниците веруваат дека тоа е добра појдовна точка кон помоќен систем кој може да ги декодира зборовите што некој има намера да ги каже, во реално време.

Лекарите од Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско го презедоа овој предизвик со надеж дека ќе создадат производ кој ќе им овозможи на парализираните луѓе многу полесно и пофлуидно да комуницираат.

„До денес нема систем за говорење што ќе им овозможи на корисниците да имаат интеракции во брзата временска рамка на човечкиот разговор“, рече Едвард Чанг, неврохирург и водечки истражувач на студијата објавена во списанието „Nature“.

Делото, финансирано од Фејсбук, било овозможено благодарение на тројца пациенти со епилепсија, кои за својата состојба требале да направат неврохируршка операција. Пред да започнат нивните операции, сите тројца имале мали електроди поставени директно на мозокот кои го мапирале изворот на нивните сигнали и дразби.

За време на престојот во болница, тројцата пациенти се согласиле да учествуваат во истражувањето на Чанг. Тој ги користел електродите за да ја сними мозочна активност  додека на секој пациент му биле поставувани девет прашања и од нив се барало да прочитаат список од 24 потенцијални одговори.

По направените снимања Чанг и неговиот тим изградиле компјутерски софтвер кој научил да одговара на одредени активности на мозокот, со помош на прашањата што ги слушале пациентите и одговорите што ги давале. Откако ќе се обучи, софтверот може да идентификува сè скоро веднаш. Само од мозочните сигнали, тој може да погоди какво прашање слушнал пациентот и каков одговор дал, со точност од 76% и 61%, соодветно.

И покрај ова откритие, на ова поле претстојат многу пречки. Главниот  предизвик е да се подобри софтверот и да може да преведува сигнали на мозокот во поразновиден говор во тек. Но за ова ќе бидат потребни алгоритми обучени на огромна количина говорен јазик и соодветни податоци за мозочен сигнал, кои можат да варираат од пациент до пациент.

Покрај тоа, се јавуваат и неколку значајни етички проблеми. Може ли овој изум ненамерно да ги разоткрие човековите најприватни тајни?

За многумина, прикажување на сите човекови мисли на екран е морално и етички неприфатливо. За други пак, давајќи му ја некому можноста за вербална комуникација откако веќе ја изгубил, е должност кон човештвото.