Научници „воскреснаа“ црви кои 42.000 години биле замрзнати во Сибир

Црви од замрзнат седимент во Русија, за кој се проценува дека е стар помеѓу 32 и 42 илјади години, се вратени во живот, тврдат научници од САД и Москва.

Два примероци од замрзнатата почва од тлото на Сибир „содржеле живи цевчести црви“ кои можеле да се движат и хранат.

Микроскопските црви можат да живеат во различни видови на поднебја, вклучително и длабоко под земјината површина. Преживеаните праисториски инсекти биле пронајдени во мраз во близина на реката Алазеја во регионот Јакутија. Тие биле складирани во петриеви садови на минус 20 степени целзиусови во лабораторија, пред да се одмрзнат во период од неколку недели.

Научното откритие е објавено во списанието Доклади биолошки науки. Истражувањето посочува дека научниците за првпат имаат податоци кои покажуваат можност на мултиклеточните организми за долготрајна криобиоза (стопирање на метаболизмот предизвикано од екстремни услови во средината) во вечното замрзнатите почви на Арктикот.

„Очигледно е дека оваа способност сугерира дека цевчестите црви од Плеистоценот имаат одредени механизми на приспособување кои можат да бидат од научна и практична важност за некои научни сфери, како криомедицината, криобиологијата и астробиологијата“.

Епохата на Плеистоцен започнала пред 2,6 милиони години и траела до пред 11.700 години, исполнета со повеќе периоди на ледена доба прекинувани со пократки периоди на потопло време.

Истражувањето било направено заеднички помеѓу Државниот универзитет во Москва, Високата школа за економија во Москва, Руската академија на науките и Универзитетот Принстон од Њу Џерси.