Научници веруваат дека наишле на нов вид на китови

Истражувачите ја опишуваат средбата како феноменална.

Научници трагајќи за редок вид на китови, односно „долкогклун кит“, од кој засега е пронајден само труп, веруваат дека наишле на сосема нов вид китови. Научниците истражувале на западниот мексички брег.

Доколку оваа вест се потврди, новиот вид на китови ќе биде значајно ново откритие, и тоа за најголемите светски цицачи.

Истражувачкиот тим ги здогледал трите кита додека барале единка од видот „долгоклунест кит“, вид кој е забележан само еднаш, откако труп на китот бил исфрлен на крајбрежјето.

Тимот, предводен од непрофитната организација „Sea shepard“, се наоѓал близу до островите „Сан Бенито“. Но, во самиот момент, тие не претпоставувале дека набљудуваат нови вид на китови.

„Животните излегоа на површината, веднаш до бродот. Тоа беше феноменална средба“, изјавил Џеј Барлоу, биолог од Институтот за океанографија во Сан Диего.

Но, откако научниците ги проучиле фотографиите, тие сфатиле дека видот на китови со кои се сретнале никогаш претходно не биле опишани. Според Барлоу, забите на китовите биле на невообичаено место, а нивните подводни звуци исто така сугерирале дека видот бил уникатен.

„Овој потенцијално нов вид изгледа и звучи различно од сите други 23 познати видови. Ние видовме нешто ново. Нешто што не беше очекувано во оваа област, нешто што не се вклопува ниту визуелно, ниту звучно со нешто што досега постои“, додал тој.

Научниот тим зел три примероци од водата близу животните со надеж дека ќе добијат „ДНА примерок од нивните мртви кожни клетки“, кои ќе бидат однесени на лабораториски анализи.

Научниците се надеваат дека ќе можат наредната година повторно да патуваат во Мексико за да пронајдат и документираат единки и од долгоклунестион кит, но и од новиот вид.

И покрај тоа што китовите се големи и до пет метри долхи, тие тешко се набљудуваат бидејќи пливаат во длабочини и до 900 метри, а на површината излегуваат ретко, за да земат воздух.

Извор: Independent