Научници првпат документираа раѓање на егзопланета

Астрономите за првпат направија слика од планета додека се формира во орбитата околу својата ѕвезда.

Научниците ја направиле фотографијата со помош на телескоп на Европската јужна опсерваторија во Чиле.

Според нив, новото откритие ќе помогне полесно да се разбере процесот на формирање на нови планети со досега невидени детали.

Миријам Кеплер од германскиот институт за астрономија ,,Макс Планк” изјави дека делчиња од новородени планети биле детектирани и претходно, но дека астрономите не биле сигурни дали станува збор за формирање планета или за вртлози вселенска прашина.

Досега раѓањето на новите планети беше скриено од облаци прашина, но новото истражување конечно успеа да „улови“ јасна слика од планета која се пробива од прстенот од кој е формирана.

Во стручното списание „Astronomy & Astrophysics“ научниците ја опишуваат планетата на околу три милијарди километри од ѕвездата PDS70, како џин од гасови , со големина поголема и од Јупитер .