Научници пронајдоа црна дупка, 12 милијарди пати потешка од Сонцето

Меѓународен тим од астрономи, кој работи на кинескиот Пекиншки универзитет, соопшти дека е пронајдена црна дупка со речиси незамисливи димензии и маса, околу 12 милијарди пати потешка од нашето Сонце, јавуваат светските медиуми.

„Нашето откритие поставува сериозен предизвик врз теоријата за растот на црните дупки во раната Вселена. Теоријата која во моментов е актуелна ја ограничува брзината на растот на црните дупки, но овој објект е едноставно преголем“, изјави за Ројтерс професорот Ксуе-Бинг Ву од Универзитетот во Пекинг.

Огромниот вселенски објект е создаден 900 милиони години по Големата експлозија, а научниците се зачудени околу тоа како црна дупка со толкава големина можела толку да порасне за релативно кусо време.

Не само што оваа црна дупка е најголемата досега забележана, туку таа се наоѓа и во центарот на најголемиот Квазар откриен досега (квазарите се најсветлите и најмоќните објекти во Вселената, а овој емитува огромни количества енергија, затоа што црната дупка во неговото средиште ја раскинува околната материја).

За споредба, црната дупка која се наоѓа во средината на нашата галаксија, Млечниот пат, има само 4 до 5 милиони пати поголема маса од Сонцето.