Научници ќе прочистуваат вода од бактерии со минијатурни роботи

Пристапот до вода за пиење е едно од основните човекови права, но во многу делови од светот чистата вода е сè уште престиж, а не реалност. Затоа, тим на истражувачи разви нова алатка која ќе помогне да се отстранат опасните бактерии од питката вода.

Методот, објавен во магазинот ACS Applied Materials & Interfaces, применува нов „микробот“ кој може да се движи низ водата и да ги убива патогените бактерии како Ешерихија коли. Микроботите се сферни – едната половина е покриена со магнезиум, а другата со злато и железо со нанопартикули на сребро.

Наречени се Јанус, по римскиот бог со две лица, токму поради двете различни страни кои се многу важни за методот на кој функционираат.

Кога микроботите се пуштени во водата, магнезиумот реагира на течноста, создавајќи меурчиња од водороден гас, со што роботите се движат напред. Како што се движат низ водата, бактериите се лепат за златото и брзо се апсорбираат во нанопартикулите на сребро. Преку движењето, микроботите максимално ја зголемуваат можноста да дојдат во контакт со најмногу бактерии што можат.

Тимот научници ги тестирал микроботите во лабораторијата, и открил дека магнезиумот е сосема доволно да ги движи низ водата околу 15-20 минути. После тоа, магнезиумот се троши и микроботите се вадат од водата со едноставен магнет. За таа намена имаат и железо во нив.

Тестот покажал дека во вода со голема количина на Ешерихија коли, микроботите можеле да убијат повеќе од 80 проценти од бактериите. Со тоа, овој метод е поефективен од било кој друг пристап со користење на сребрени микропартикули, а благодарение на магнетните способности на Јанус ботовите, за прв пат е лесно и да се отстранат од водата.