Научен експеримент успеал да погледне во четвртата димензија

Светот кој го доживуваме е составен од тродимензионален простор – широчина, длабочина и височина, како дополнување на временската димензија времето. Но, научниците долго време претпоставуваа дека веројатно постои четврта просторна димензија која се наоѓа надвор од она што можеме да го доживееме или да го сфатиме.

Доказ за постоење на четврта димензија (4Д) е проблематично поради фактот што не можеме директно да набљудуваме нешто што е надвор од нашиот тродимензионален простор.

Сепак, два експерименти, кои вклучуваат физика од квантната механика, им овозможи на научниците поглед на четвртата димензија, со помош на феноменот познат како „квантен Холов ефект“ – карактеристика која ја покажуваат електроните, под одредени услови, кога се заробени во 2Д систем.

Преку квантниот Холов ефект научниците можеле да ги видат ефектите кои четвртата димензија можеби ги има на нашиот 3Д свет.

Користејќи многу ладни атоми, заробени во дводимензионална физичка структура, научниците забележале нов тип на квантет Холов ефект кој е предвидено да се случува само во четиридимензионални системи, наговестувајќи постоење на четврта димензија.

Добар начин за да се образложи ова е да се замисли како 3Д објектите прават 2Д сенка, која нема длабочина. Во последните експерименти, научниците можеле да набљудуваат 3Д квантна „сенка“ од потенцијален 4Д објект.

„Вообичаено, го гледаме нашиот свет како да има три просторни димензии плус една временска димензија. Во модерната физика на кондензираната материја, ние најдовме начини ефективно да го ограничиме движењето на честичките на пониската димензија. На овој начин, се добиваат многу интересни феномени“, вели за ИБТајмс Одед Зилдерберг, од Швајцарскиот Федерален Институт за технологија, автор на една од студиите.

„Од математичка гледна точка, секогаш можете да замислите реалност во која постојат повеќе просторни димензии. За нашиот мозок, ова, секако, е многу чудна идеја бидејќи нашата перцепција е природно тродимензионална. Без оглед на тоа, математички можете да развиете модел на систем каде честичките се движат во четири димензии, плус една временска димензија“, додава тој.

Во романот „Флетленд“ на Едвин Абот се опишува проблемот на набљудување на димензии кои се надвор од оние во кои живееме. Таму е опишан животот на квадрат во дводимензионалниот свет наречен Флатленд, населен со кружници, триаголници и правоаголници – кои од гледната точка на квадратот изгледаат како линии бидејќи не постои концептот на горе и долу.

Видео: Карл Саган го објаснува концептот „Флетленд“

Сепак, во романот, квадратот е посетен од сферичен објект од третата димензија, кој се обидува да му ја објасни природата на рамната реалност во која живее квадратот. Не можејќи да му ја пренесе пораката, сферата го носи квадратот во 3Д светот, каде тој по прв пат може да го види Флетленд од горе, конечно сфаќајќи дека линиите кои тој ги гледал биле дводимензионални облици.

На сличен начин, иако не можеме директно да стапиме во интеракција со четвртата димензија, научниците веруваат дека квантната механика, која е фундаменталната физика на најмалото, може да расветли повеќе од овој чуден свет.

Двете студии се објавени во списанието Nature.