Националниот младински совет ќе се основа викендов

Националниот младински совет ќе се основа викендовОсновачкото собрание на чадор-организацијата Национален младински совет, која има за цел да работи на унапредување на младинското организирање и застапување на младинските интереси и младински права, се одржува од 28-30 jуни во хотелот „Бисер“- Струга.

На настанот се очекува да се приклучат околу 50 младински организации и подмладоци на политичките партии, кои ќе имаат задача да ги постават основите на советот и да се согласат за негово основање.

Ивана Давидовска од Центарот за интеркултурен дијалог за Радио МОФ вели дека вакви претставнички тела постојат во речиси сите земји во Европа, а Македонија е единствената земја во регионот без национален младински совет.

„Ова подразбира дека денеска во Македонија не постои тело кое во име на младинските организации ќе влезе во дијалог со инстуциите за креирање на младински политики, кое ќе врши надгледување на реализација на на националната стратегија за млади, и ќе обезбеди обединување на младинскиот сектор на национално ниво. НМС се формира како сојуз на организации, но токму целите за основање, бројноста на организациите, основачите и поддржувачите, како и уникатната структура е тоа што ќе го направи овој сојуз претставително тело за младинските интереси“, вели Давидовска.

Според неа, програмата ќе вклучува усвојување на статут, креирање на раководна структура (управен одбор), и изготвување на акциски план.  Идејата е основачкото собрание да остави простор сите присутни организации да добијат сопственост на процесот на креирање на НМС и понатаму да работат на размена на идеи и создавање на заеднички стратегии.

„Процесот на креирање на НМС, има голема поддршка од Европскиот Младински Форум. Тие својата поддршка ќе ја пренесат и со директно присуство на основачкото собрание. Честа да го отвори основачкото собрание ќе ја има Петар Матјашиќ, претседател на Европски Младински Форум, и член на бордот Elise Drouet кои ќе говорат околу работата на ЕМФ во развојот на националните младински организирања низ Европа“, вели Давидовска.

Предлог статутот на советот, предвидува во него да учествуваат организации кои работат најмалку три години со младите и годишно реализираат по најмалку 10 активности со вкупен годишен опфат од најмалку 300 млади.