Националниот Младински Совет ќе ги вклучи младите во донесувањето одлуки

Повеќе младински организации во земјава подготвуваат платформа за основање на Национален Младински Совет, кој ќе претставува чадор организација која треба да ги вклучи младите во процесот на донесување на одлуки кои се однесуваат на нив.

Причината заради која е потребно вакво тело, според претставниците на младинските граѓански организации е тоа што младите иако сочинуваат една четвртина од сите жители во земјата, тие се оние кои се во незавидна состојба.

Претседателот на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова вели дека праксата во Европа е таква што младите седат рамо до рамо со пратеници и министри и во консултација со нив, заедно одлучуваат за прашањата кои ги засегаат.

„Ние имаме стапка на невработеноста која е речиси двојно поголема од кај сите останати во земјава и која е највисока во Европа. Секој четврти млад човек е самодеклариран социјално исклучен, младите не учествуваат ниту во средношколско ниту во студентско организирање а властите не ги консултираат младите кога се носат одлуките“, вели Костуранова.

Izjava na Dona Kosturanova, Pretsedatel na Mladinski Obrazoven Forum by Radio Mof on Mixcloud

Според Ивана Јордановска од младинската организација ЏЕФ – Македонија, се очекува Националниот младински совет да биде формиран летово.

„НМС ќе дејствува како претставник на младите и на младинските организации. Сето она што ги засега младите а досега немале можност да го кажат и да стапат во контакт со релевантните институции, треба да се направи преку овој совет“, додава Јордановска.

Даниел Калајџиески од организацијата Х.Е.Р.А. вели дека во изминатите дваесет години во земјата не постои едно ефикасно тело, кое ќе ги здружи на едно место младинските организации и ќе ги претстави нивните интереси со цел тие да бидат вклучени, кога се донесуваат одлуките кои се однесуваат на нив.

Izjava na Daniel Kalajdzieski, organizacija H.E.R.A by Radio Mof on Mixcloud

Генералниот секретар на Сојузот на извидници на Македонија, Горан Ѓорѓиев вели дека по долго време, младинските организации конечно ќе направат чекор напред.

„Целта на Советот е да ги застапува пред се младинските организации и преку него да се слушне гласот на младите и да се пренесе пред сите релевантни институции, за младите да бидат слушнати и да се изборат за своите потреби“, вели Ѓорѓиев.

Izjava na Goran Gjorjiev, Sojuz na izvidnici na Makedonija by Radio Mof on Mixcloud

Според истражувањето на МОФ, 56% од младите од 15 до 29 години се неактивни а стапката на невработеност кај младите е 58%. Само една петтина од младите кои се вработени нашле работа веднаш по завршувањето на образованието, а речиси една третина барале работа повеќе од една година, пред да се вработат. Речиси половина од младите, по завршувањето на своето образование сакаат да се отселат од државата.

Предлог статутот на советот предвидува во него да учествуваат организации кои работат најмалку три години со младите и годишно реализираат по најмалку 10 активности со вкупен годишен опфат од најмалку 500 млади.

Кристина Озимец