Натпревар за најдобра фотографија „Вики ја сака Земјата“

Вики ја сака Земјата“ е натпревар на фотографии организиран од Википедија/Викимедија за спомениците на природата, заштитените природни подрачја, како и сите природни убавини во Македонија. Натпреварот кој за првпат беше организиран во 2013 година, од Википедија на украински јазик, веќе во 2014-та се спроведе во повеќе различни земји, меѓу кои и Македонија.

Целта на овој натпревар е да се соберат фотографии од македонските национални паркови, природни резервати и заштитени споменици на природата. Овие фотографии потоа ќе можат да се прикачат на Заедничката ризница на Викимедија под слободна лиценца, а понатаму ќе можат да се користат за илустрирање на статии за тие области на Википедија, како и за други слободни проекти.<Најуспешните фотографии, според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со парични награди, и тоа, прва награда изнесува 300 евра, во денарска противвредност, втора награда е 200 евра, трета наградата изнесува 100 евра, кои ќе им бидат доделени на три учесници, а за петте најголеми придонесувачи, исто така, ќе им бидат доделени 100 евра.

Сите фотографии кои ќе бидат дел од натпреварот, истовремено учествуваат во меѓународниот избор на петнаесет најдобри фотографии на спомениците на природата и заштитените природни подрачја на светско ниво, во конкуренција со сите останати земји учеснички кои го спроведуваат овој ист натпревар во своите земји.

Оние кои сакаат да учествуваат на натпреварот, потребно е да ги прочитаат правилата за учество и да го погледнат видеоупатството. Учесниците треба да направат квалитетни фотографии од документарен карактер од природата во заштитените области во Македонија, а потоа, да ги прикачат на Заедничката ризница со слободна лиценца преку образецот на прикачување слики достапен на овој линк. Учеството на натпреварот треба да се пријави преку образецот за пријавување.

Сите информации за натпреварот се достапни на официјалната веб-страницата на „Вики ја сака Земјата“.