Натпревар за најдобар есеј на тема „Јас имам сон”

Амбасадата на САД во Скопје, Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ колеџ Скопје и Здружението за подобро образование, организираат натпревар за најдобар есеј по повод јубилејот – 50 години од легендарниот говор „Имам сон“ на Мартин Лутер Кинг. Овој, според бројни анкети најважен американски говор на 20 век е одржан пред повеќе од 200,000 учесници на маршот за граѓански права во Вашингтон, на 28 август 1963 година. Оттогаш повикот на Мартин Лутер Кинг за расна еднаквост и за ставање крај на дискриминацијата ги инспирира луѓето во Америка и во други земји да ги унапредуваат слободата и човековите права.

„Ги покануваме средношколските професори по англиски јазик, историја, социологија, етика, философија и граѓанско општество да ги охрабрат своите ученици од трета и од четврта година да се пријават со есеи. Учениците што ќе испратат есеј и нивните професори ќе бидат поканети на јавен настан во вторник 12 март 2013 година, на Универзитетот Американ колеџ Скопје“, велат организаторите.

За да се пријавите, испратете еден документ, на македонски или на англиски јазик, кој ги содржи следните информации: име на училиштето, име на професорот и на студентот и нивните контакт детали (адреса, телефон, електронска адреса), како и целиот текст на студентскиот есеј (должина од 500 до 1000 зборови, единечен проред, без слики или илустрации). Есејот треба да се однесува на следните аспекти: кој е Мартин Лутер Кинг (1929-1968)? Кој бил неговиот сон? Кој е твојот сон денес за твојата земја?

Специјално жири ќе додели прва, втора и трета награда, кои се состојат од посебен сертификат и вредни книги. Првонаградениот победник ќе добие и електронски читач за книги „Киндл“, кој го обезбедува покровителот на натпреварот. Имињата на победниците и нивните ментори ќе бидат објавени на јавниот настан, а наградените ученици ќе треба да ги прочитаат своите есеи. Сертификат за учество ќе им биде доделен на сите ученици и професори што ќе учествуваат на настанот.

Секој професор може да ги охрабри своите ученици да се пријават на натпреварот. Организаторите го задржуваат правото да направат претселекција со цел да вклучат најмалку по еден учесник од што повеќе училишта и градови од Македонија. Сите заинтересирани професори и ученици можат да се пријават и да испратат есеи по електронски пат до essay@uacs.edu.mk најдоцна до 22 февруари 2013 година.