НаТочак: Велосипедот да стане дел од образовниот процес

Велосипедот порано беше поприсутен во образовнието отколку денес кога е многу попотребен, сметаат од иницијативата НаТочак од каде бараат ова превозно средство да стане дел од образовниот процес

Констатираат дека нема гарантиран формален начин на изучување на управувањето со велосипед, а моментално цел процес зависи од поединци и ентузијасти меѓу наставниците бидејќи не е задолжителен дел од програмата. Оттаму додаваат дека ако возачите на автомобили се едуцираат во автошколите, нема каде формално да се изучат вештините и знаењето потребно за управување со велосипед. Најдобро место за тоа е основното образование, децидни се од иницијативата.

„Затоа МОН во програмата за основно образование треба да вклучи задолжителна теоретска настава за сообраќај и практично совладување вештини за возење велосипед.Да почнат во дворот на училиштето со мобилни полигони, па да прејдат на поголеми градски полигони каде на безбеден начин ќе биде симулирана реалната сообраќајна средина, а дури потоа да излезат во реален сообраќај.Денес децата се принудени директно на заглавени улици со коли или паркинзи да изучуваат возење велосипед што е опасно, демотивирачко, а и не секое дете ја има таа можност да поседува велосипед или некој да го подучува во рамки на семејството“, заклучуваат НаТочак.

Нивните препораки се следни:

-Задолжително образование за велосипеди и задолжителни велополигони во поголемите населени места.
-Овие полигони, слично како програмите за млади и спорт може да се финансираат преку Национален фонд
-Друго место во програмите за образование кое треба да се менува се програмите во автошколите. Значителен дел од полнолетното население минува низ тие програми и тоа е шанса да се надомести недостатокот на сообраќајно образование за тие генерации.
-Современите автошколи не треба да го научат идниот возач само да управува со возилото, туку да биде и одговорен учесник во сообраќајот на сите различни начини. Современиот пристап на одржлива безбедност цели да ги стави возачите во различни улоги за време на часовите во автошколите: пар часови во улога на пешак и на велосипедист, за да знаат како е од другата страна, но и да станат севкупно одговорни мултимодални учесници во сообраќајот свесни за целината, кои кога се во улога на возач на моторно возило ќе се грижат за послабите.

Инаку, вело-активистите периодов спроведуваат своја велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво. Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.