#НаТочак: Тука сме, приказната продолжува – 85 издание на „Критична маса“

Под мотото „Тука сме, приказната продолжува“, на 20 септември со почеток во 17 и 30 часот ќе се одржи #85 „Критична маса“ организирана од страна на #НаТочак. Сите присутни ќе возат по веќе определена рута, а збирно место за заинтересираните ќе биде Плоштад „Македонија“.

„Токму така, приказната продолжува. Светот на момент застана, но нашата приказна никогаш не запре. Периодов, некои работи драстично се променија во нашите животи – држиме растојание, некои од нас работиме од дома, некои работиме со маски, миеме раце многу почесто од претходно, и за жал многу помалце се гледаме. Но ако нешто не се промени во ‘новото нормално’, тоа е возењето точак. Не замре, не исчезна, не тлее, напротив – зема замав. Точакот е превозното средство кое се покажа како најбезбедно и најздраво за време на оваа криза“ велат организаторите.

Оттаму нагласуваат дека #ПросторАнтиКорона е глобален феномен низ многу градови во целиот свет, велејќи дека поради пандемијата, многу локални и државни власти ги откриле придобивките од широк и слободен јавен простор, еднаква застапеност во сообраќајот и овозможена мобилност.

„Научивме дека ни треба повеќе простор за луѓе во градовите, повеќе здрави активности на отворено, повеќе паркови, повеќе пешачки и велосипедски патеки, повеќе простор за поинакви градски приказни. Научивме дека од хуманото осмислување на нашите градови има повеќекратни придобивки – економијата расте бидејќи луѓето не се во коли туку имаат слобода на движење и можат да застанат во најмалите продавнички дури се движат, животната средина се поштедува од секојдневното загадување кое го причинувме ние самите, се подобрува психичкото и физичкото здравје на луѓето, а кога возиме велосипед среќно е нашето срце, но среќни се и нашите паричници и џебови. Го научивме ова на потешкиот начин, но барем го научивме. Сега, како никогаш порано, ни е потребна акција. Драстично менување на менталната матрица кај градските и локалните, а богами и државните власти за начинот на кој што го гледаме, перцепираме и унапредуваме јавниот простор и концептот сообраќај“, порачуваат од #НаТочак.