НаТочак: собир во сеќавање на дете кое вчера загина во Скопје возејќи велосипед

Неформалната група НаТочак денеска во 18:00 часот организира собир во сеќавање на детето кое вчера загина во Скопје, возејќи велосипед на булеварот „Илинден“.

„Би сакале да изразиме сочувство до семејството на детето на велосипед, невина жртва на една автомобило-центрична култура. Свесни сме дека ништо не може да ја надомести нивната загуба, но исто така свесни сме дека е потребно да преземеме сериозни чекори како општество за да нема толку жртви по улиците.
Многу градови и земји спроведуваат Визија Нула за нула жртви во сообраќајот. Каква визија имаш ти Скопје и Македонијо?

Свесни сме дека за да се спроведе Визија Нула е потребно целосно менување на инфраструктурата и културата во корист на ранливите, а тоа не е лесно во општество каде автомобилот е центар на сите планови и политики, но не постои друг начин кој дал резултати и тоа мора да го направиме!
Се надеваме дека надлежните ќе станат свесни колку насушно ни се потребни промени во пристапот, пред жртвите да станат секојдневна вест.
Спремаме допис со наши барања за она што сметаме дека е важно да се преземе.

А денес (сабота, 19.09) ве повикуваме сите на точак или пешки да дојдете во 18:00 на Фонтана, Градски Парк да изразиме сочувство за изгубениот млад живот и да изразиме револт за непреземањето сериозни мерки за заштита на ранливите.

Стоп за брзото и невнимателно возење кое е еднакво на обид за убиство! Стоп за нерамноправниот третман на пешаците и велосипедистите и од градот, од планерите, од полицијата, од возачите, од сите!

Почивај во мир детенце“, се вели во соопштението на НаТочак.