НаТочак: Со автоцентричните планови после земјотресот, Скопје бележи голем пад во употребата на велосипедите  

Ова не се сцени од Амстердам. Ова се сцени од велосипедско Скопје. Од Скопје пред земјотресот. Да, со точак се одело на работа, на натпревари, на концерти, до железничка станица… И имало огромни паркинзи за точаци! Имало потесни улици, помалку автомобили, па и без посебна инфраструктура било побезбедно, велат од велосипедската иницијатива НаТочак, коментирајќи ги објавените фотографии од филмот „Скопје сонува“.

За жал, велат НаТочак, со плановите после земјотресот базирани на принципите на автоцентризмот, Скопје бележи голем пад во употребата на точакот, како и повеќето европски градови. Истовремено, бележи пораст на бројот на жртви, на гојазноста, метежот, бучавата итн.

„Ова е појава речиси секаде во светот каде стандардите креирани по мерка на автомобилот некритички се увезувале од развиените држави, најмногу САД. Ретки исклучоци од тоа биле Холандија и Данска кои останале сами, критички, низ научно преиспитување и соработка со граѓаните, да креираат поинакви сообраќајни стандарди и политики. Успеале да направат баланс меѓу човекомерноста и растот на автомобилот, пред се’ во име на безбедноста и намалување на бројот на жртви, но и заштита на цели населби кои требалo да се рушат за градски автопати, ако се планира автоцентрично“, забележуваат од вело-иницијативата.

Денес, 50 години подоцна, соочени со последиците од автоцентричното планирање, велат тие, целиот свет се свртува и учи од нив.

Потенцираат дека во денешно време имаме доволно информации да знаеме дека сообраќајните планови од после Земјотресот треба целосно да се преиспитаат.

„Имаме доволно информации да знаеме дека не е никаков напредок да се прават улици со повеќе широки ленти за автомобили без велосипедски патеки и без дрвореди или со многу тесни патеки и тротоари. Знаеме дека е уназадување тоа што општините примарно се грижат за складирање на приватни возила, наместо за слободно и безбедно движење.
Знаеме дека улиците може и треба да се прават со поинакви вредности вградени во нив.
Кога на тоа ќе додадеме дека и Скопје имало силна велосипедска култура во минатото, знаеме дека тоа може да се случи пак. Ако бидат приоритет луѓето пред автомобилите!“, велат од НаТочак.

Фотографиите се извадок од видеото Скопје сонува