НаТочак: Скопје воглавно е место каде поголеми права има автомобилот отколку луѓето

Скопје (со исклучок на некои главни улици) воглавно е сѐ уште место каде поголеми права има автомобилот како предмет отколку луѓето. А, правото на слободно движење ни е уставно загарантирано на сите!, реагираат од иницијативата НаТочак, коментирајќи на објавена фотографија каде човек во количка се движи по коловоз, бидејќи нема место по тротоарите.

За жал, во пракса, велат од иницијативата, пред правото на движење, правото на безбедност и заштита на животот, правото на здрава средина, вклученоста на сите во општеството, пред сите тие права, предност има привилегијата да паркира личен предмет (автомобил) кој каде сака.

Особено, велат активистите, иритира фактот што неретко тоа се паркинг места „легално“ означени од јавни претпријатија.

„Антицивилизациска слика! Ова мора да се промени. Скопје мора да стане град за луѓе. Скопје мора да стане град за сите“, забележува НаТочак.