НаТочак: Скопје досега не организирал вистински Ден без автомобили, ајде да пробаме!

Многу градови во светот почнаа да организираат „Car free Day“ (Ден без автомобили) на месечно или неделно ниво. Се надеваме дека оваа година ќе добиеме „Car free Day“ во Скопје и скопските општини барем еден на годишно ниво кога целиот свет го празнува Денот без автомобили. Да се пробаме, зошто да не?, велат од велосипедската иницијатива НаТочак.

Овој ден не е казна, напротив, велат активистите, тој е општа прослава, забава, поинаков начин на движење, поинакво користење на градот.

„Замислете ги главните улици во вашата населба исполнети со детски џагор, игри, точаци, музика, маалско дружење… Навреме сте информирани која улица ќе биде затворена за автомобилски сообраќај, навреме сте информирани за поентата на денот и навреме сте информирани за програмата и излегувате со целото семејство, пријателите денот да го поминете на улица… Џогирајќи, играјќи улични игри, возејќи точачиња на безбедно со најмалите или проследувајќи ја програмата ако ја има“, соопштува иницијативата.

Ги поттикнуваат граѓаните самоиницијативно на 22.септември да не користат автомобил, а општините да направат барем една улица во своја надлежност да биде „car free“ (ослободени од возила) овој ден.

„Градот Скопје е дел од Европската недела на мобилност веќе 16 години и освен малиот и недоволно промовиран настан на Рекорд во 2017 година, досега не организирал вистински Ден без автомобили, само вело-паради кои ги нарекуваа Ден без автомобили. Сметаме дека е време да започнеме подобра, посуштинска традиција од оваа година и да се приклучиме на стотиците градови кои покажуваат дека можат и не смислуваат изговори“, стои во соопштението на НаТочак.