НаТочак: Нова тура контејнери поставени на нелогични локации каде се движат луѓе

Нова тура контејнери од новиот тип поставени на нелогични локации, каде се движат луѓето. Овој пат во Тафталиџе, на улица „Московска“, каде лани се радувавме дека за прв пат се одзема коловозна лента за да се направи велосипедска, реагираат од велосипедската иницијатива НаТочак.

Но, велат тие, месеци покасно сѐ уште нема столпчиња, лентата се употребува за паркирање на моторни возила, а сега има и контејнери за чие празнење потребно е да се паркира камионот на велосипедска лента.

Реагираше и иницијативата Жителите на општина Карпош, во однос на проблемот со кој се среќаваат пешаците. Од нив се бара да го заобиколуваат контејнерот, за што е одземено зеленило.

Од НаТочак потенцираат дека за разлика од еднонасочните велосипедски патеки, пешачките патеки се двонасочни.

„При волку високи контејнери постои ризик да дојде до ‘сообраќајка’ меѓу пешаци, што е значителен проблем за инвалидски или бебешки колички кои може да завршат на велосипедска патека или коловоз. Затоа се’ уште бараме од Град Скопје да ги дислоцира новите контејнери од пешачките и велосипедските патеки. И по скоро три месеци ги прашуваме до каде се со изнаоѓање на решението за кое побараа наше трпение?“, прашуваат од НаТочак.